„Социјална правда – СЕГА“ е насловена панел дискусијата што Фондацијата „Фридрих Еберт“ и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ ја организираат во петок, во ГЕМ клубот. Настанот се организира во пресрет на Меѓународниот ден на социјална правда, 20 февруари, на кој е посветен и новиот број на списанието „Лице в лице“, што ќе биде промовиран во рамки на утрешниот настан.
Социјалната правда во земјава е формално регулирана и загарантирана за сите граѓани еднакво, пред сè со Уставот и со законската рамка, но граѓаните во реалноста често се сретнуваат со социјална нееднаквост, која се манифестира на најразлични начини.
Концептот на уличен печат кој го следи списанието „Лице в лице“е создаден со цел да придонесе во борбата за социјална правда, преку вклучувањето на најранливите групи во општеството во продажбата на весниците/списанијата со што економски и социјално ги зајакнува, велат од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“.
„И преку четивата, неговата заложба е демаргинализација на групи, поединци, идеи, вклучување, а против исклучување. Групите со кои што работиме – продавачите на „Лице в лице“ се меѓу оние кои што најсилно ја чувствуваат социјалната неправда и промоција на нов број на списанието во очи денот на социјална правда и со фокус и насловница на оваа тема, дојде како логичен след на досегашните активности на платформата за активизам“, вели Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“ и главна и одговорна уредничка на „Лице в лице“.
За Фондацијата „Фридрих Еберт“, социјалната правда вклучува многу компоненти кои се важни за секое општество, а како најважен дел се начелата за еднаквост, правичност, почитувањето на човековите права и различноста меѓу народот, а социјалната неправда е опасност за демократијата насекаде.
„Фондацијата ги поддржува сите активности поврзани со унапредувањата на правата на граѓан(к)ите на Република Македонија од сферата на трудот и социјалната политика, а соработката со „Паблик“ и „Лице в лице“ е посебно важна поради начинот на комуникација со јавноста и актуелизирањето на (не)инклузијата на маргинализираните групи во системот, “ велат од „Фридрих Еберт“.
„Лице в лице“ е улично списание кое што го продаваат припадници на маргинализирани групи, при што половина од продажната цена оди директно за продавачот, а втората половина се користи за развој на програми во кои што се вклучени овие лица.
Инаку според агендата, панел дискусиите Социјална правда – СЕГА се поделени во два дела. Првата дискусија е посветена на доживотното учење како налин за постигнување за социјална правда, а вториот на младинската невработеност. Почетокот на дискусиите е најавен во 10 часот.