„Лице в лице“ со моќта на книгата

Во четврток во 11:00 часот ќе се одржи промоција на 15. број на уличното списание „Лице в лице“ во рамки на Саемот на книгата, на штандот на „Табернакул“.

Публиката ќе има можност да биде сведок на креирање нови песни, на цртање стихови, на споделување емоции преку стихови или цитати од книги, а и да биде дел од случајни читачки средби.

Главни актери на промоцијата ќе бидат учениците кои ги посетуваат едукативните работилници кои се дел од кампањата за поттикување на читачките способности кај децата, која ја креираше и ја спроведува Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој Паблик / Public, а која е дел од проект на ЕВН за поддршка на македонската литература и творештво за поттикнување на читачките навики.

Читателите на #Лицевлице кои ќе го набават новото издание за времетрање на Саемот ќе добијат книга како подарок. На денот на промоцијата ќе има подароци книги кои ги обезбедија издавачите „Табернакул“, „Три“, „Арс ламина“, „Готен“ и „Магор“, додека во останатите денови од Саемот на книгата, со купен нов број „Лице в лице“, читателите ќе го добиваат и новото издание на „Раскази.мк“, кое ќе биде промовирано во петок, 8 мај, како дел од проектот „Создади книга“ на ЕВН Македонија.