Лицата со попреченост живеат во општество со бариери

Околу 10 проценти од граѓаните во Македонија се соочуваат со некаков вид попреченост. Тие бараат отстранување на сите видови бариери, меѓу кои и физичката непристапност до институциите, бараат поголема инклузивност во образованието, пристап до здравствени услуги, развој и поголема достапност на нови сервиси за поддршка, подигнување на капацитетот на сите институции, како и подигнување на јавната свест и отстранување на дискриминацијата и стигматизацијата.

Предизвиците со кои овие лица се соочуваат се системски и долготрајни и бараат мобилизираност на сите чинители во општеството. Проблеми има во спроведувањето на инклузивноста во образованието, но и во општеството воопшто. Затоа претставниците на здруженијата на лицата со попреченост побараа и промовирање на вештините и способностите на лицата со попреченост и нивно развивање, со цел полесна инклузија во секојдневниот живот.

Претставник на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, Чедомир Трајковски рече дека во Македонија сѐ уште постои висок степен на дискриминација, стигматизација и оти на тоа треба да се работи.

Тој побара отстранување на физичките бариери со кои се соочуваат овие лица, поголема пристапност на пишаните материјали во форми кои се соодветни како Брајово писмо и аудио формати, зголемување на толкувачи на знаковниот јазик, инклузивно образование, не само основно и средно, како и поголема пристапност на високото образование и здравството.

Хелсиншки комитет за човекови права денес преку соопштение нагласи дека процесот на деинституционализација во 2018-та го имаше својот најголем развој почнувајќи од инклузивното изготвување, но и усвојувањето на новата Национална стратегија за деинституционализација 2018 – 2027 „Тимјаник” и нејзиниот Акциски план, со кои, велат тие, институционалното живеење конечно ќе започне да доживува трансформација кон социјални сервиси во локалната заедница.

„Со ова започна постепеното напуштање на институционалното живеење и префрлување на дел од штитениците во мали групни домови и згрижувачки семејства. Хелсиншкиот комитет го поддржуваше и ќе го поддржува овој процес и во иднина, како најдобар и најхуман модел“, соопштија од Комитетот.

Во поглед на пристапноста, иако беа преземени чекори кон зголемување на пристапноста во градот Скопје, за жал, вели Комитетот, лицата со попреченост не доживеаја големи промени во останатите делови од државата.

„Ниската свест и незалагањето за овој основен проблем е евидентна во сите општини низ Македонија. Со непреземање на конкретни мерки за овозможување пристапност, општините го попречуваат секојдневното движење и живеење на оваа група луѓе. Непристапни остануваат дел од државните институции, училиштата, банките, културните објекти, улиците. Лицата со попреченост остануваат да живеат во општество исполнето со бариери на чие отстранување мора поактивно да се работи“, рекоа од Комитетот.

Истражување за вклученоста на децата во предучилишните установи на Народниот правобранител покажа дека од вкупно 34.700 деца што посетуваат градинка само 415 или 1,19 отсто се деца со попреченост.

Според истражувањето, градинките не нудат оптимални можности за вклучување на децата со попреченост, односно не го почитуваат или делумно го почитуваат правилото за големина на групите, немаат доволно обучен кадар и дидактички средства, а во руралните средини воопшто нема градинки.

Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик-Народен прабобранител, рече дека најмногубројни се децата со аутизам и интелектуална попреченост, а најмалку се вклучени децата со оштетен вид. Оние градинки што изјавиле дека не одбиваат да запишат деца со попреченост, лошите услови ги натерало родителите да бараат друга форма на згрижување.

„При приемот не се врши ниту тестирање, нити опсервација и воспитувачот за прв пат се среќава со детето кога ќе се појави во групата. 44 градинки немаат дефектолог, а 13 немаат стручна служба. Нема унифицирана процедура за следење на напредокот на децата, а 26 градинки немаат индивидуален образовен план. Дури еден од воспитувачите кажа дека прават општ план за да има ако дојде инспекција, бидејќи тоа е дополнителна административна работа за нив“, рече Бајрамовска-Мустафа.

Канцеларијата на Народниот правобранител препорачува да се обезбеди систем со кој точно ќе се дефинира попреченоста на децата, механизам за следење на развојот, да се обезбеди стручен кадар, да се избегнува листата на чекање за запишување на децата со попреченост, да се отворат центри за ран детски развој.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека и овој еден процент на деца со попреченост што се вклучени во предучилишното образование е успех, со оглед на тоа дека само 30 отсто од децата во земјата одат во градинка.

Според неа, откако ќе изградат нови градинки во кои ќе може да се зголеми вкупниот опфат на децата ќе може да се зборува и за зголемување на опфатот на децата со попреченост.

„Проблемот со кадарот и просторот се познати, но тоа не може да се поправи веднаш. За децата со попреченост освен обучен кадар, потребни се и други услови, како што се сензорни соби за да биде инклузијата онака како што треба. Претходно не се водело сметка за овие работи, затоа е ваква состојбата. Веќе вработивме една група дефектолози, кои беа со договор на дело и понатаму работиме на подобрување на условите“, рече Царовска.

Нагласи дека по барање на родителите на децата со попреченост е зголемен додатокот за ослободување за скратено работно време за секој родител и тоа да биде 50 проценти од просечната плата.

„Со ова овозможуваме да се прави превенција пред процесот на деинституционализација, да не се дојде до момент родителите да се откажат од детето“, рече Царовска.

Таа напомена и дека секој родител кој се грижел за своето дете со попреченост до неговата 26-та година и не го дал во институција ќе може да оствари право на пензија иако не ги исполнува условите за тоа, тошаш кога ќе ја исполни старосната граница, 62 за жени и 64 за мажи.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар рече дека мора да се работи на елиминирање на бариерите кои ги попречуваат овие во транспортот, образованието, но и во другите области.

„Овие лица имаат право на пристап до образование, култура, социјални права, вработување на иста основа како и лицата без попреченост“, рече Жбогар.