Граѓанската иницијатива „5 до 12“ по третпат ќе кампува во паркот Жена Борец спроти Собранието. Лицата со посебни потреби, нивните родители и пријатели по третпат се обидуваат да го свртат вниманието на јавноста и пратениците од кои бараат да се исполнат нивните барања.
„Ги повикувам сите лица со попреченост, хендикеп или посебни потреби, заедно со нивните родители и семејства, да ја поддржат иницијативата и заедно да покажеме колку нѐ има, и да кажеме дека не отстапуваме од нашите ставови, сѐ до конечно исполнување на нашите барања“, велат од граѓанската иницијатива „5 до 12“.
Во граѓанската иницијатива учествуваат голем број здруженија на пациенти или лица со попреченост. Вчера во паркот тие поставија знаменца со нивната иницијатива, а за денеска соопштија дека им било најавено дека ќе се видат со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.