Лицата со попреченост во Австралија имаат своја верзија на веб страницата за рејтинг Yelp

Две Австралијки отвориле интернет адресар наречен Clickability, кој им овозможува на лицата со попреченост да оценуваат и бележат ресторани, здравствени установи и секакви услужни локали според тоа колку се пристапни.

Веб страницата која ја нарекуваат „TripAdvisor за лицата со попреченост“, е идеја на Џена Мофет и Бичер Келк. Двете се надеваат дека луѓето со попреченост ќе се охрабрат почесто да излегуваат сами и да избираат локали кои им одговараат, наместо да ги прифаќаат наједноставните можности и да мора да бараат помош од блиските.

Мофет и Келк се сетиле да ја создадат веб страницата додека работеле како социјални работнички. Забележале дека морале да цртаат мапи или да го користат Гугл, кога се обидувале да најдат негуватели или мрежи за поддршка за нивните клиенти.

„Се трудевме да најдеме толку многу информации, што буквално се јавував на луѓе со кои работев на мојата магистерска за услуги за бездомници, на пример, или за услуги за згрижување на жртви на семејно насилство“, вели Бичер Келк.

Clickability ги става сите информации кои им се потребни на лицата со попреченост на едно место. После пилот програма во регионот Гилонг во 2014, се проширила во Викторија, а во март е лансирана и во Нов Јужен Велс.

Мисијата на стартапот е поврзана со Националната програма за осигурување на лица со попреченост, проект за социјална грижа.

Да се оценуваат и обележуваат услугите и локалите на Clickability е бесплатно. Дополнително, претплатниците можат и да коментираат и да персонализираат свој профил.

Наредниот чекор ќе биде да ја направат платформата пристапна и за лицата со ментална попреченост.

„Гледаме огромен јаз и во човековите права. Не станува збор за „Нема повеќе да одам во тој ресторан“, туку за „Нема да можам да станам од кревет ова утро““, додава Келк.