Државната изборна комисија информира дека од вчера на интернет страницата izbirackispisok.gov.mk, покрај податоците за избирачкото место за гласање, граѓаните можат да проверат и каква е пристапноста до таа локација.
За секое гласачко место, со „Да“ или „Не“, се одговара на 30-тина прашања како: дали до гласачкото место има тротоар, паркинг и посебно означени паркинг места за лица со инвалидност, дали влезот на избирачкото место има пристапна рампа, скали, лифт, дали вратата е доволно широка за да помине инвалидска количка, дали влезниот праг е рамен и други слични податоци.
„Овие информации се достапни како резултат на заемната соработка на ДИК, ИФЕС, мисијата на ОБСЕ во Скопје, невладиниот сектор и Министерството за труд и социјална политика на проектот за проверка и проценка на пристапноста на избирачките места за лица со посебни потреби на целата територија на Република Македонија“, изјави портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска, која најави дека целосниот извештај ќе биде достапен следната недела.
Проверката на пристапноста на избирачкото место граѓаните можат да ја направат откако ќе се најават на izbirackispisok.gov.mk со својот матичен број, по што се појавува опцијата: „Информации за пристапноста на избирачкото место“.