Лицата со попреченост ќе може да излегуваат за полицискиот час

Сите лица со попреченост се изземени од забраната за движење за време на полицискиот час, одлучи Владата.

„Владата на Република Северна Македонија на 43-та седница донесе одлука за целосно изземање од забраната за движење за сите лица со попреченост со придружници. За да го остварат ова свое право, за овие лица нема да се издаваат посебни дозволи и доволно ќе биде со себе да имаат медицинска белешка која ќе треба да им се презентира на полициските службеници доколку за тоа се укаже потреба“, се наведува во соопштението.

На истата седница е дополнета Уредбата за Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека при вршење на јавниот превоз на патници задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците, како и дека може да има најмногу 50% патници од вкупниот број на седишта, без седиштето на возачот. Глобата за непочитување е 250 евра на физичко лице, 500 евра за физичко лице-трговец поединец и правно лице ако врши превоз на патници спротивно на уредбата, како и 150 евра за одговорното лице во правниот субјект.

Владата донесе уредба и за поставување на ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите во кои се врши трговија во мало-продавници, самопослуги, маркети, пекари и слично, за време на траење на вонредната состојба. Така, трговецот е должен да обезбеди редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот. Исто така мора да има соодветни ознаки кои се поставуваат на растојание од два метри и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.