Лиам Галагер, Џејк Баг и Пол Калкбренер меѓу првите најавени изведувачи на „Егзит“

Рок иконата и еден од основачите на групата „Oasis“, Лиам Галагер, ќе го отвори годинешното издание на „Егзит“ во Нови Сад, кое ќе се одржува од 6 до 9 јули. Истата вечер ќе настапи и германскиот техно продуцент и легендата меѓу диџеите Пол Калкбренер, кој неодамна настапи пред половина милиони луѓе пред Бранденбуршката капија. За завршницата, пак, ќе биде ангажиран еден од водечките три светски диџеи Хардвел.

На главната фестивалска сцена ќе се слушне и гласот на новите генерации, популарниот 22-годишниот англиски кантавтор Џејк Баг. Тој на „Егзит“ доаѓа по три албуми кои беа на врвот на британските листи.

Во четврток, на 6 јули, на главната цена доаѓа триото кое го предводи Алан Вокер, автор на хитовите „Faded“, „Alone“, „Sing Me to Sleep“, како и многу други, додека на третата вечер, на 8 јули , ќе настапи популарната хип-хоп и даб степ група „Foreign Beggars“.

Истиот ден, на „арена“ ќе се претстават најголемите „хитмејкери“, како Дјук Димонт, чии песни „Ocean Drive“ и „I Got You“ беа номинирани за Греми. По настапот во Македонија, Робин Шултц ќе може да се слушне и на „Егзит“.

На овие изведувачи ќе им се придружи и младата француска ѕвезда Kungs, кој со својот хит „This Girl“ се најде меѓу најпребаруваните изведувачи на Шазам. На техно сцената годинава ќе настапат и најбараните диџеи во светот како Џејми Џонс, „Хот синс 82“ и „Блек кофи“.

Ова лето на „Егзит“ повторно се најавува жестока метал, панк и хардкор сцена. Организаторите ги објавија првите седум бендови: „Destruction“, „Discharge“, „Acidez“, „The Black Dahlia Murder“, „Full of Hell“, „Darko“ и „Dordeduh“

Организаторите потсетуваат на акцијата дека со една карта, може да посетат четири фестивали. Прв е Sea Star, нов фестивал во Истра, Хрватска, кој ќе се одржува на 26 и 27 мај, потоа Revolution festival на 2 и 3 јуни, во Темишвар, Романија, а по „Егзит“ следува Sea Dance во Будва, Црна Гора, од 13 до 15 јули. Акцијата „1 карта=4 фестивали“ поради интересот е продолжена до 30 јануари.