ЛГБТ: Груевски и Иванов да го осудат насилството

ЛГБТ: Груевски и Иванов да го осудат насилствотоПо вчерашните инциденти и напади врз ЛГБТ-заедницата, осуда за насилството стигна од Хелсиншкиот комитет за човекови права, ЛГБТ Јунајтед – Тетово и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

„Го осудуваме насилството од омраза пред споменикот „Воинот на коњ“, хулиганското дивеење и демолирањето на ЛГБТ центарот во „Стара Чаршија“ (додека се одржуваше проекција и трибина за правата на транс лицата), и говорот на омраза кој поттикнува на насилство и дискриминација.Бараме од МВР најитно да ги открие и уапси сторителите на кривични дела кои претепаа лице во центарот на Скопје, кои повторно го демолираа ЛГБТ центарот во „Стара Чаршија, кои нападнаа и повредија полицаец во вршење на службена должност, и кои ширеа и продолжија да шират закани и говор на омраза кој поттикнува на насилство и дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“, велат оттаму.

Според нив, и покрај преземените превентивни мерки од страна на МВР, се случиле сериозни кривични дела (насилство на плоштад, насилство врз ЛГБТ центарот и активистите во него, напад на службени лица) за кои има повеќе индиции дека се кривични дела сторени од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

„Иако ова не е прв напад на ЛГБТ Центарот, сепак е првпат да биде нападнат во присуство на луѓе и одржување на настан, поради што сметаме дека нетолеранцијата кон ЛГБТИ заедницата станува се поголема. Поради ова, го повикуваме јавното обвинителство конечно да ги препознае кривичните дела од омраза поради карактеристиките на луѓето и бараме сторителите да бидат пронајдени и да бидат гонети за насилство предизвикано од диксриминација поради сексуалната ориентација и родовиот идентитет на луѓето. Бараме конечно да се применат одлуките на Европскиот суд за човекови права, во кои е јасно наведено дека „сексуалната ориентација како фундаметална карактеристика на една личност, треба да се третира на ист начин како и категориите раса, етницитет и религија, кои најчесто се покриени со закони за санкционирање на говор на омраза и насилство од омраза“, се вели во соопштението.

Тие ги повикаа премиерот, претседателот на Република Македонија, лидерите на политичките партии, и лидерите на верските заедници, јавно да го осудат насилството кон ЛГБТ лицата и активистите за човекови права и да се оградат од „хулиганите и неонацистичките групи кои јавно повикуваа на насилство и дискриминација“.

„Бараме од Владата и од пратениците да подготват законски измени со кои кривично ќе се казнува говорот на омраза врз сексуална ориентација и родов идентитет и со кои ќе се предвидат поостри казни за делата сторени од омраза врз сексуална ориентација и родов идентитет. Упатуваме апел до медиумите и новинар(к)ите да престанат со ширењето на дезинформации (како што беа дезинформациите во врска со „Геј парадата“), да се воздржат од ширењето на негативни стереотипи и предрасуди за ЛГБТ лицата, и од објавувањето на содржини кои поттикнуваат на насилство и дискриминација врз која и да е основа“, се вели во соопштението.