ЛГБТ заедницата е непожелна на универзитетите во Индонезија

Индонезискиот министер за образование Мухамед Насир смета дека на ЛГБТ луѓето треба да им се забрани пристапот до универзитетските кампуси.

„Потребно е да се зачуваат вредностите и моралот. Универзитетот е чувар на моралот“, изјавил министерот во неделата.

Според Насир, ЛГБТ заедницата ги нарушува вредностите на нацијата, а една од целите на универзитетот е да се задржат токму тие вредности оставени од предците на Индонезија.

Министерот реагираше откако организација на државниот универзитет во Индонезија, која се нарекува „Група за поддршка и ресурсен центар за сексуални студии“ понуди советување за ЛГБТ студентите.

Тој информираше дека веќе го контактирал ректорот на универзитетот за да се разјасни ситуацијата, но дека организацијата немала официјална дозвола за постоење во рамки на универзитетот.

Неодамна, ЛГБТ групи поделија памфлети низ кампусите, што предизвика револт кај некои студенти. Ситуацијата предизвика револт и меѓу претставници на владата, кои на ЛГБТ заедницата гледаат како на закана за индонезиската нација.

Против категоричниот став на властите застанаа дел од организациите за заштита на човековите права, но ЛГБТ заедницата нема речиси никаква поддршка од медиумите.