ЛГБТ Прајд парадите низ САД поминаа во анти-Трамп атмосфера

Илјадници борци за права на ЛГБТ заедницата се мобилизираа преку собири и маршеви во поголемите американски градови во прослава на своите добиени права и во отпор на заканите од администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

Централниот настан, „Маршот на еднаквоста“ во Вашингтон, беше поддржан од безмалку сите поголеми национални организации кои работат на заштита на лезбијките, геј, бисексуалците и трансродовите Американци.

Лидерите на овие групи се противат на неколку активности кои досега ги направи администрацијата на Трамп, како поништувањето на училишните правилници кои дозволуваа трансродовите ученици да користат машки или женски тоалет и гардероба по свој избор, или полнењето на неговата администрација со многу противници на ЛГБТ правата, иако во кампањата се претставуваше како сојузник на оваа заедница.

Голем број луѓе маршираа покрај Белата Куќа, кон зградата на Конгресот со огромно знаме на гордоста.

ФОТО: Гардијан

За американската ЛГБТ заедница овој Прајд беше во емоционален период. Во понеделник е годишнината од вооружениот напад, пред една година во геј ноќниот клуб „Пулс“ во Орландо, Флорида, во кој загинаа 49 луѓе, најголем дел од нив Латиноамериканци.

„Нападот на „Пулс“ навистина ме погоди силно. Направи поврзаност помеѓу физичкото насилство со оружје и политичките напади на нашата заедница“, рекол за Гардијан, Гил Мендез кој со партнерот допатувал од Сан Франциско за да присуствува на маршот во Вашингтон. Тој носел знак на кој биле испишани имињата на сите жртви од ноќниот клуб.

Во маршот, со пеење за слободата и патриотски песни учествуваа голем број членови на геј хорови од повеќе градови во САД.

„Ова е можност јавно да се стави до знаење на сите дека ние сме се уште овде и дека не заминуваме никаде“, изјавил Грегори Елферс од Њу Џерси.

Околу 100 маршеви и собири биле планирани низ целата држава. Додека во Лос Анџелес, на годишната Прајд парада која беше преименувана во „Марш на отпор“, учествувале неколку десетици илјади луѓе.