ЛезФем: Ретко се говори за дискриминацијата и насилството врз лезбејките

„Во врската и двете сме девојки“, „Сакам безгрижно да шетам со девојка ми за рака“, „Сакам школо без насилство врз мене само затоа што сум лезбејка“, „Нашата љубов е волшебна“, „Изгледам токму онака како што сакам да изгледам“, „Не се срамам од себе си“, „Жена, мајка, лезбејка!“…

Ова се дел од пораките на неформалната лезбејско активистичка група ЛезФем, која започна кампања по повод Меѓународниот ден на лезбејската видливост.

Според ЛезФем, целта е да се даде придонес во отворањето на прашањата за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат лезбејките кај нас. Сподед групата, тие во голема мера негативно влијаат на квалитетот на живот, на физичкото и менталното здравје, на професионалнот развој, во текот на образованието, како и при степенот на вклученост во општествените текови на сите нивоа.

За разните форми на дискриминацијата и насилството врз лезбејките ретко се говори кај нас, велат од ЛезФем, па со оваа кампања се залагаат за рушење на доминантните сексистички и мизогини напади и вознемирувања врз припадничките на лезбејската заедница, кои потенцираат дека влијаат за дополнителна маргинализација, омаловажување и оттурнување, засрамување, деградирање и изолација.

„Во опресивно општество кое ‘брутално ја користи таа една информација за тебе’ како закана која може да те посрамоти, да те избрка од дома, да те направи помалку жена, да те напаѓа на сите можни начини, да те остава да живееш неслободно и во страв, да те направи немоќна да бидеш она што си, ова е еден од начините на кои се бориме за своето – јас. Со оваа кампања би сакале да ја прославиме разноликоста на лезбејската заедница и лезбејските идентитети, да прикажеме дека нашата сексуална ориентација не ја намалува нашата вредност. Се бориме против тврдо воспоставените и доминантни норми на креирана и прифатлива женственост, каде притоа се омаловажуваат сите оние кои ги рушат ваквите широко воспоставени рамки во секој дел од нашето живеење“, соопштува ЛезФем.

Неформалната група го одбележува овој ден со порака до државните структури за зголемување на свеста кај нив за насилството кое, велат тие, системски се извршува, а останува неказнето.

„Праќаме порака за подобрување на образовните програми за учење и почитување на разноликоста на човечките идентитети, како и обезбедувањето на безбедни и родово еднакви училишта за сите млади без разлика на личните карактеристики. Омразата која што константно се негува кај нас и останува неказнета, а притоа не се градат нити соодветни механизми на превенција и едукација, не може да го избрише нашето постоење. Со ваквите акции сакаме да упатиме порака за градење на инклузивно демократско општество каде сите уживаат еднаквост, правда и исти права“, се вели во соопштението на ЛезФем.