За вчерашниот инцидент кај ГТЦ кога полицијата спречи демонстанти да истакнат транспарент со „Против војната за профити“, Левица вели дека е неумесен министерскиот обид за замајување на јавноста дека тоа било обично легитимирање.
„Во правната пракса не постои таков изум на легитимирање со употреба на лисици. Во случајот се прекршени најмалку три правни акти. Прво е прекршен Уставот на Република Македонија, кој во членот 21 изричито предвидува дека правото на мирен протест е неприкосновено и може да се ограничи само во услови на воена и вонредна состојба. Вчера во РМ немаше ниту воена, ниту вонредна состојба, така што не постои жива сила која може да го ограничи правото на протест. Второ, прекршен е Законот за јавни собири и, трето, прекршен е Правилникот за вршење на полициски работи, односно Правилникот за вршење служба на МВР“, рече Димитар Апасиев од Левица на денешната прес-конференција.
Според Апасиев, униформираната полиција и припадници на специјалните сили во маскирни униформи направиле класифицирано дело. Односно две кривични дела, од кое едно е смеќавање на мирен протест, за кое, вели тој, доколку го направи службено лице е предвидена казна затвор од три месеци до три години.
„Второто кривично дело е противправно лишување од слобода, бидејќи не е направен никаков записник, бидејќи полицијата мислела дека не постојат снимки. За ова дело, доколку го стори полицаец, е предвидена казна од шест месеци до пет години затвор“, рече Апасиев.
На прес-конференцијата зборуваше и уште еден член на Левица, Гораст Муратовски. Тој раскажува како вчера се собрале да протестираат против настанот што го окарактеризира како покажување воена сила од војниците на АРМ и војската на САД. Тргнале од централнот скопски плоштад кон Портата „Македонија“ и биле сопрени од еден ред обични полицајци, а позади нив еден ред од Единицата за брзо распоедување (ЕБР).
„Ни рекоа дека не може да присуствуваме на настанот, иако пуштаа други луѓе да поминуваат. Бевме неколку луѓе од Левица со транспарантот ‘Против војните за профит’. Имаше и членови на КПМ (Комунистичка партија на Македонија) со знамето на СФРЈ. Откако не спречија, кружевме и дојдовме овде (на втор спрат на ГТЦ н.з.), иако цело време бевме следини од полиција – во униформа, и во цивилка. Тука кога дојдовме го извадивме транспарентот, за да се гледа, а не ни поминаа пет минути кога се качија полицајци. Не’ приведоа нас четворица – мене, уште еден член на Левица, член на левичарско движење ‘Солидарност’ и граѓански новинар од ЦИВИЛ“, раскажува Муратовски.
Потоа ги симнале доле. Кога му звонел телефонот, вели тој „не ми дозволија да се јавам и ми рекоа дека сум лишен од слобода“.
„Сега велат дека тоа било ‘само легитимирање’. Значи, едно 15-ина минути не’ држеа со лисици, после ни ги извадија за да дадеме личните карти. Тек тогаш не легитимираа. И после уште 15 минути, иако не направија никаков записник, туку само на ливчиња забележуваа, потоа не’ пуштија да си одиме со предупредување. Една од причините што ни ја кажаа беше дека ‘транпарентот бил повикување на омраза’. Значи, транспарентот беше против војна, нема никаква врска со омраза. Друго, таму кога не’ запреа било за да не го нарушиме јавниот ред и мир. Иако ние ниту скандиравме, ниту викавме, туку само мирно стоевме и го држевме транспарентот. Тоа се гледа и на снимките“, забележува членот на Левица.
На прашањето дали имало примена на физичка сила, Муратовски тврди дека му ја свиткале раката и главата надоле кога го приведувале. „За другите не видов, бидејќи мене прв ме однесоа“, вели тој.
Од Левица не застануваат тука. Најавуваат дека нивниот правен тим ќе поднесе претставка до Народниот правобранител со цел, како што велат, да се заложи за случајот, но и до Секторот за внатрешна контрола.
„Ова покажува дека нашата заложба како Левица за воведување на систем за надворешна контрола врз полицијата е и те како потребен во Република Македонија, за да не се случува и понатаму полициското самоволие. Односно, некаква команда или наредба од командир од полиција да биде посилна од Уставот на РМ“, рекоа од партијата.
По вчерашнaта објава на Фејсбук на министерот Оливер Спасовски, за случајот денеска стигна посебно соопштение и од Министерството за внатрешни работи. Тврдат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР веќе „постапува по налогот за детално истражување на полициското постапување при протестот на неколкумина граѓански активисти на презентацијата на воена, медицинска и техничка опрема во Скопје“.
„Притоа, доколку се утврди пречекорување на превземените полициски дејствија, тоа ќе биде соодветно санкционирано. Правото на протест е неприкосновено и со Уставот на Република Македонија – загарантирано право кое што, меѓу другото, полицијата има должност да го штити, исто како што има должност да го штити јавниот ред и мир и сигурноста и безбедноста на сите граѓани на Република Македонија. Министерството за внатрешни работи категорично ги демантира сите наводи за некаво приведување на лица, а во врска со посочениот настан“, соопштија од МВР.
Текст, видео и фото: Бојан Шашевски