Летна школа на Институтот за подготовка на глобални лидери

Македонија по трет пат е домаќин на летната школа „Институт за подготовка на глобални лидери” на која ќe учествуваат 80 млади лидери од 40 земји од целиот свет. Познати предавачи од областа на политичка комуникација и лидерство, дипломатија, бизнис администрација и граѓански активизам од земјава и странство ќе ги обучуваат идните генерации за ефикасно и етичко глобално лидерство, пренесе МИА.

Летна школа на Институтот за подготовка на глобални лидери

– Како во изминатите две години така и оваа имаме учесници од целиот свет кои сакаат да добијат знаење и стекнат вештини кои ќе ги применат по враќањето во своите земји. Институтот ги следи своите алумни кои веќе бележат успеси на глобално ниво, а нивниот лидерски потенцијал е препознаен од многубројни меѓународни организации и транснационални корпорации. Ексклузивната програма за сеопфатно лидерство ќе ја реализираат реномирани меѓународни предавачи кои се и лични советници на влади, кралства и интернационални бизнис комори“, вели Ивана Стојаноска, директор за стратешки иницијативи на Институтот за подготовки на глобални лидери.

Повикот за аплицирање е отворен до 23 јуни и е достапен на следниот линк.

Летната школа се организира со цел да се подготват идните млади лидери да размислуваат глобално и заеднички да делуваат за меѓународна кохезија и развој. Според мониторингот кој го прави Институтот, се констатира дека во изминатите две години учесниците од целиот свет веќе активно ги реализираат своите иницијативи и успешно ги насочуваат младите во своите земји.

Летната школа е организирана од Здружението на граѓани за глобални развојни иницијативи „Трет Милениум”, а ќе се одржи во Струга, Битола и Скопје, од 12-24 август.