Летечки Пекинезери ќе го отворат концертот на Артуро Сандовал во Охрид

Популарниот скопски џез состав Летечки Пекинезери ќе ја загрее публиката за настапот на големиот џез трубач Артуро Сандовал на Охридско лето, во сабота (6 август), во Античкиот театар во Охрид.

Препознатливи по својот стил, главно под влијание на свинг музиката од 30-тите и 40-тите, Иво Солдатовиќ (кларинет), Петар Христов (тенор саксофон), Бојан Петков (гитара), Кирил Туфекчиевски (бас) и Славчо Коцев (тапани) се наметаа како еден од највозбудливите џез-состави на домашната музичка сцена. Со два албуми зад себе, „Летечки Пекинезери“ (2011) и „Dog Show“ (2014), обата издадени за SJF Records, како и со својот динамичен изведувачки пристап, овој шармантен млад квинтет експресно ја освои публиката.

Легендарниот џез-трубач Артуро Сандовал е името кое со нетрпение се очекува на годинашното „Охридско лето“, како вистинска жива легенда и еден од најзначајните џез трубачи во светот, ученик и штитеник на маестралниот Дизи Гилеспи. Артуро Сандовал е добитник на 10 награди „Греми“, шест „Билборд“ и една „Еми“, признанието Hispanic Heritage, како и наградата Presidental Medal of Freedom доделена од претседателот на САД – Барак Обама. Редовно настапува со водечките симфониски оркестри низ светот, а денес важи за еден од најценетите чувари на џезот, но и за реномиран класичен музичар, пијанист и композитор.

Во својата четиридецениска кариера Артуро Сандовал соработувал и со светските музички ѕвезди како Френк Синатра, Џастин Тимберлејк, Селин Дион и Алиша Кис, ја напишал музиката за филмот „За љубовта на земјата“, чија приказна е темелена на неговиот живот, а во филмот неговиот лик го игра холивудскиот актер Енди Гарсија. Овој Кубанец е коосновач на кубанската група „Иракере“, а во својата досегашна кариера ги освоил најпрестижните награди.