„Лесно нè владеат, лесно нè крадат, оти вешто нè поделија“ – Говорот на Стефан Солев, 2 место на Ораторските вечери „Иво Пухан“

Говорот „Сонце на залез, пиреј во мраз“ на Стефан Солев, студент на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, го освои второто место на 22. Ораторски вечери „Иво Пухан“ кои се одржаа на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

На финалната вечер говореа вкупно десет студенти на актуелни теми. Покрај говорот на Солев, кој ги критикува македонските политички елити, ораторите зборуваа и на теми како неквалитетот на образованието, корупцијата и клиентелизмот, родовата еднаквост, конформизмот.

Во продолжение, Радио МОФ интегрално го пренесува победничкиот говор на Солев:

„Сонце на залез, пиреј во мраз“

Почитувани присутни, собрани сме тука,

По се изгледа само за да направиме малку бука.

Никој, мислам, не верува дека ние овде нешто ќе смениме,

Ниту пак дека можеме народов повеќе од политичарите да го плениме.

Нејсе, секој е овде да си го каже своето,

Па така и јас би се обидел со моето.

Очигледно забележавте, говорам во рима,

И тоа не е случајно, не е само за да ја има

Туку постои за да илустрира една многу важна цел:

Дека ниту суштината ниту формата, не вредат како самостоен дел.

А токму во ова во изминатиов период сакаа да нè убедат

Со празни флоскули народот да го заведат.

Да, зборувам за оној фамозен Преспански Договор,

Не, не му го посветувам нему овој говор,

Наместо ова, дозволете ми да се осврнам на онаа теза,

Која преку кампањата за референдумот ја доживеа својата синтеза.

Тоа е оној празен став, онаа мисла штура,

Според која само името нè држи нам во општествена тортура.

А овој став влече корени токму од оние,

Под чие водство, палка; под чие способно владение

Дојдовме до дереџето во кое сега се наоѓаме!

Почитувани, ние, ние и само ние, а не името, сме причината поради која пропаѓаме,

Затоа што им дозволивме на политичарите од двата табори,

Да ја распарчат државава по сите набори.

Лесно нè владеат, лесно нè крадат, оти вешто нè поделија

А меѓусебе, чудотворни бегства и амнестии си поделија.

Ете како чедата нејзини ја изедоа Револуцијата,

Многу бргу заборавајќи ја за правда резолуцијата.

Оти наместо со реформи и прогрес да се зафатат,

Тие морале нацизмот на Грција да го прифатат.

Ама добро, бујрум и тоа ви помина,

И тој проблем големиот политичар го надмина!

Но што сега? Што откако ја сменивме формата,

Си ставивме шминка, ја заменивме униформата?

Македонија, било Поранешна или Северна,

Останува сиромашна, бедна; чемерна.

Остануваме без перспективи, со огромна корупција,

Со катастрофално здравство за сечија перцепција,

Со ниски плати, масовни иселувања,

За кои никогаш нема решенија; само и само оправдувања.

Политичари, НАТО нема да ви ја смени суштината.

Да ја кажеме јавно вистината,

Не нè штити ниту од соседите, оти тие се веќе држави-членки,

Ниту пак од внатрешни, пост-Рамковни сенки.

Дури ни Европската Унија, нема да ви ги реши главните проблеми,

Туку ќе ви донесе нови закони (непочитувани како и старите) и традиционално неискористувани грантови поголеми.

А нам? Нам ќе ни останат истите неспособни полицајци и политичари,

Истите партиско-полтронски административци, наставници, аналитичари.

И не, не разбирајте ме погрешно, јас не сум против евроинтеграција,

Туку против политичката кампања на дезинформација,

Не сум против решение на спор,

Но барам компромис, не капитулација пред меѓународен хор.

Почитувани, фактите се: Европската Унија е многу далеку, НАТО е беспотребен,

Нов менталитет е оној што ни е очајно потребен.

Без него, без него не нè спасуваат никакви грантови или договори,

Ниту политичари, ниту странци, па ни овие, вакви говори.