Леонардо ди Каприо конечно освои „Оскар“, „Spotlight“ избран за најдобар филм

Леонардо ди Каприо конечно освои „Оскар“ за неговата улога во „The Revenant“, после шест номинации. Синоќа беше прогласен за најдобар актер на 88-то издание на доделувањето на наградите. Филмот „Spotlight“, за разоткривањето на педофилијата во католичката црква, освои два „Оскари“, за најдобар филм и за најдобро оригинално сценарио.

Актерите од филмот со вистинските новинари од „The Boston Globe“

Актерите од филмот со вистинските новинари од „The Boston Globe“

Режисерот на „The Revenant“ Алехандро Гонзалес Инарито, втора година по ред ја понесе наградата за најдобар режисер. Актерката Бри Ларсон, која го играше ликот на Џој во филмот „Соба“ е прогласена за најдобра актерка.

За најдобра споредна актерка е избрана Алисија Викандер за нејзината улога во филмот „The Danish girl“, а Марк Рајленс е награден за најдобра споредна машка улога во трилерот на Спилберг „Bridge of Spies“.

„Amy“, филмот кој ја раскажа приказната за починатата пејачка Ејми Вајнхаус, доби златна статуетка за најдобар документарен филм, а најдобар краток документарен филм е „A Girl in the River: The Price of Forgiveness“. За најдобар анимиран филм беше прогласен „Inside Out“ на Дизни, а за најдобар краток анимиран филм ја доби „Bear story“.

„Mad Max: Fury Road“ победи во шест категории (најдобар костим, најдобра сценографија, најдобра маска, најдобра монтажа, најдобра монтажа на звук, најдобар микс на звук). Емануел Лубески ја освои својата трета награда за фотографија на Американската академија, додека филмот „Ex Machina“ доби „Оскар“ за најдобри визуелни ефекти.

Наградата за најдобро адаптирано сценарио отиде за „The Big Short“, а победниците ѝ порачаа на публиката да не гласаат за луѓе што имаат пари ако не сакаат парите да ја контролираат владата.

„Stutterer“ е избран за најдобар краток филм, а „Оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје го доби Унгарецот Ласло Немеш. Британецот Сем Смит, пак, доби „Оскар“ за „Writing’s On The Wall“ – насловната нумера за „Spectre“, а славниот Енио Мориконе по шест номинации конечно освои „Оскар“ за најдобра музика во филмот „The Hateful Eight“.

Доделувањето на престижните награди и оваа година се одржа во Долби Театарот во Холивуд. Стенд-ап комичарот и актер Крис Рок ја забавуваше публиката за време на церемонијата.

По прогласувањето на Леонардо ди Каприо за најдобар актер, социјалните мрежи беа преплавени со реакции од неговите обожаватели. Во продолжение, дел од нив: