Ленка: Законот за абортус е продолжување на безобразната кампања за „здрава“ нација

Ленка:Законот за абортус е продолжување на безобразната кампања за „здрава“ нацијаСо носењето на Законот за прекин на бременоста се продолжува со безобразната кампања за градење „здрава нација“ и се започнува со нејзино спроведување, што може да резултира со ужасни последици по животот на младите жени и судбината на нивните семејства, реагираат од организацијата „ЛЕНКА“.

Оттаму нагласуваат дека ја поддржуваат иницијативата за повлекување на предлог‐ законот за прекинување на бременоста, бидејќи овој закон ги нарушува основните слободи и права на жената и воопшто на граѓаните.

„Членот 41 од Уставот на Р.М. гласи: „Право на човекот е слободно да одлучува за создавање деца“, а на овој начин се кршат не само основните човекови права, туку и самите принципи врз кои е граден Уставот на нашата Република. Со новите одредби, државата уште еднаш агресивно ја напаѓа автономијата на здравствените установи, деградирајќи го нивниот капацитет. Рестрикционите механизми кои го ограничуваат правото на избор на жената не се базирани на научни истражувања и на медицински докази и сметаме дека нивната задача е да го отежнат и бирократизираат веќе, самиот по себе, емотивно тежок чин за жената која се одлучила на абортус“, се вели во реакцијата на ЛЕНКА.

Според организацијата, ваквиот закон носи и ризик од зголемување на бројот на оставени деца и нелегални абортуси – а особено за посиромашните сограѓани, кои немаат пари за контрацепција.