Лекари тврдат дека се родило првото бебе со антитела на Ковид-19

Жена од Јужна Флорида која примила единечна доза на вакцина за коронавирус додека била бремена, неодамна се породила, а нејзиното дете е првиот забележан случај во светот на бебе родено со антитела на коронавирусот, по вакцинирањето на мајката, тврдат двајца педијатри, јавува „Гардијан“.

Лекарите го претставија своето откритие во претходно објавена статија, што значи дека нивните тврдења допрва треба да бидат потврдени од фелата.

Лекарите Пол Гилберт и Чад Рудник рекоа дека мајката ја примила првата доза на вакцината „Модерна“ во јануари, во 36-тата недела од бременоста.

Жената родила силно и здраво девојче три недели подоцна. Истражувачите ја анализирале крвта на бебето од папочната врвца и откриле антитела за време на раѓањето, се наведува во написот.

„Според нашите сознанија, ова е прв пријавен случај во светот на бебе родено со антитела по вакцинацијата“, изјави Гилберт за филијалата на „Еј-Би-Ес“.

Во написот сепак се наведува дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали доенчињата се заштитени со овие антитела.