Лего ќе произведува фигури посветени на жени научници од НАСА

Данскиот производител на играчки Лего ќе почне да произведува нов сет – Жените на НАСА, составен од пет фигури кои ги претставуваат женските научници, инженери и астронаути.

Дизајнот е креација на американската писателка Маја Вејнсток, која победи на натпреварот за Лего идеи.

„Жените одиграа критична улога во историјата на вселенската програма на САД”, напиша Вејнсток во нејзиниот предлог-проект.

„Сепак, во многу случаи, нивните придонеси се непознати или потценети, особено што жените историски се бореле да се здобијат со прифаќање во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката”, додава таа.

Новите ликови ќе бидат достапни на пазарот кон крајот на 2017 или почетокот на 2018 година.

Петте женски Лего карактери се: научникот Катрин Џонсон, компјутерскиот научник Маргарет Хамилтон, астронаут и едукатор Сели Рајд, астрономот Ненси Грејс Роман и астронаутот Мае Џемисон.