„Легис“, „Ретвитни оброк“ и „На точак“ добитници на националните волонтерски награди

Во пресрет Меѓународниот ден на волонтерството (5 декември), Младинскиот културен центар (МКЦ)-Битола како Национален волонтерски центар ги додели наградите „Златен волонтерски сертификат“ за 2015 година. Највиското признание годинава го добија Здружението на граѓани „Легис“-Скопје, иницијативата „Ретвитни оброк“ и иницијативата „На точак“.

Здружението на граѓани „Легис”-Скопје е наградено за волонтерскиот ангажман за хуманитарна помош за бегалците и мигрантите кои транзитираат низ Македонија, како и за лобирање за промени во Законот за азил и овозможување на слободен транзит низ Македонија. Со тоа се овозможи легализирање на нивниот престој, со што од јуни 2015 Македонија има нов хуман закон. „Ретвитни Оброк” е наградена за иницијативата со која се реализира твитерџиска акција која ги обединува готвачите и гладните. Главната цел е наместо слики од оброци на инстаграм и твитер – да се споделуваат вистински оброци за оние кои имаат потреба од тоа.

Со одлука на Волонтерскиот центар на Македонија, наградена е и иницијативата „На точак” за активностите во кои илјадници луѓе возеа по улиците низ Македонија со цел подигнување на вело-културата. Оттаму појаснуваат дека призанието е наменето за целата иницијатива „Критична маса – На точак“, а со оглед на тоа дека во шест градови има различни тимови, било одлучено сите иницијативи („Битола на точак“, „Скопје на точак“, „Штип на точак“, „Гостивар на точак“, „Тетово на точак“ и „Прилеп на точак“) да добијат „Златен волонтерски сертификат“ за 2015 година.