Легендарниот Жан-Мишел Жар за отворање на 18. Таксират

Пионерот на електронската музика Жан-Мишел Жар ќе го одбележи отворањето на 18-то издание на фестивалот Таксират со спектакуларно аудио-визуелно шоу што ќе се одржи на 13-ти ноември во ВИП Арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Во својата 40-годишна кариера, револуционерниот француски уметник првпат настапува во Македонија, како дел од големата светска турнеја што ќе биде своевидно заокружување на проектот „Електроника“ – албум во два тома, првиот издаден лани, вториот годинава.

Во неговото создавање учествуваа музички величини како: Пит Таузенд, Моби, Масив Атак, Тенџерин Дрим, Лори Андерсон, Синди Лопер, Ер, Гери Њуман, Пет Шоп Бојс, Прајмл Скрим, Орб и многу други, како и американски разузнавач Едвард Сноуден.

Како што е најавено, покрај новите композиции, посетителите ќе имаат прилика да се потсетат и на старите фаворити од неговите класики „Оксижен“ и „Еквинокс“, а сето тоа придружено со незаборавно аудио-визуелно доживување преку совршениот спој на многубројните сценски ефекти што ја интегрираат најновата технологија на звук и светло.

Жан-Мишел Жар, покрај несомнените заслуги за етаблирањето и популаризацијата на електронската, амбиенталната и њу-ејџ музика, е основоположник и на мултимедијалните перформанси какви што ги знаеме денес, велат од Пасворд продукција.

Истовремено, тој е познат и по тоа што го постави, а подоцна неколку пати го рушеше, сопствениот Гинисов рекорд за најголема посетеност на концерти на отворено, вклучувајќи го оној во Париз, пред 2,5-милионска публика, како и спектаклот во Москва, по повод 850-от роденден на градот, кадешто присуствуваа неверојатни 3.500.000 посетители.

Организаторите нагласуваат дека наскоро ќе објават повеќе информации и детали за продажбата и цените на билетите за концертот.