Легализација на канабисот за медицинска употреба – нова тема на „Отворено“

Легализација на канабис за медицинска употреба – кои се придобивките? – e темата на следната емисија „Отворено“. На неа ќе се дискутира за тоа дали Македонија заостанува во искористувањето на здравствениот и економскиот потенцијал од употребата на канабис во медицински цели, дали пациентите со сериозни болести наскоро ќе можат да ги користат предностите на третманот со канабиноиди, како и кои се ризиците и негативни последици од легализирањето на канабисот.

Гости говорници се д-р Нико Беќаровски, Универзитетска клиника за токсикологија, Џон Илија Апелгрен, музичар и бизнисмен, активист за легализација, Јанаки Митровски, адвокат и др Дарко Костовски од Центарот за зависници.

Емисијата ќе се емитува на 14 декември (понеделник), со почеток од 20:45 часот на ТВ 24 Вести.

Сите што сакаат да бидат дел од гостите во студио ќе може да се пријават на http://goo.gl/26sAVs најдоцна до недела, 13 декември. Бројот на места во публика е ограничен. Учесниците во студиската публика ќе бидат контактирани од страна на организаторите. Сите прашања, аргументи и мислења може да се споделуваат на #отворено.

„Отворено“ овозможува дискусија меѓу поканети говорници и публиката за важните прашања кои не се доволно аргументирани во јавниот дискурс. Секоја дебата ќе обезбеди дискусија на нова тема, за кое ќе дебатираат четири јавни личности и публика составена од експерти и заинтересирани граѓани. ТВ Дебатите се проект на Националниот демократски институт во соработка со 24 Вести, Томато Продукција и Младински образовен форум, Млади Европски Федералисти на Македонија, финансиран од Националната фондација за демократија (НЕД).