ЛД Солидарност: „Не“ за фабриката за оружје во Македонија

Левичарското движење Солидарност е „згрозено“ од почетокот на изградба на фабрика за оружје и муниција на македонска територија, додавајќи дека нема да дозволат влез на таква индустрија во земјава.

„Ова е можност граѓаните на Македонија да го видат грдото лице на неолибералниот капитализам кој не бира средства за зголемување на профитот.  До неодамна низ нашата земја транзитираа луѓе чија голгота беше — и продолжува да биде по камповите во Грција, Турција, западноевропските и блискоисточните земји — директна последица на војните или целосно разјаденото социјално ткиво во нивните матични земји. Директна одговорност во ова сноси индустријата за оружје. Оружјето се прави за да се троши, а оружје се троши во војна и со страдање на луѓето. Тоа нема да го дозволиме. Сакаме фабрики за храна, а не за оружје.“, стои во реакцијата на Солидарност.

fabrika-za-oruzje

Фото: Министерство за одбрана

Овој револт доаѓа откако пред една недела во Македонски Брод и официјално започнаа првичните активности за изградба на фабрика за оружје, муниција и опрема на американската компанија Броудстоун Дифенс. Како што информираа од Министерството за одбрана, фабриката треба да биде изградена до крајот на мај 2017 година, на 10 хектари во месноста Барбарос, а производството да почне од јули.