Лажните профили на Фејсбук наскоро може да бидат нелегални во Велика Британија

Војната против лажните профили на социјалните мрежи трае веќе некое време, главно поради тоа што платформите засновани на реклами, како Фејсбук, сакаат да знаат дека корисниците се вистински, за да им ги испорачаат рекламите. Во Велика Британија, во оваа војна наскоро би можела да се вмеша и полицијата.

Според извештаите од Островот, зачестени се случаите во кои лажните профили се користат за објавување на ткн. „одмазнички порно-снимки“ и малтретирање, а жртвите најчесто се жени. Обвинителството веќе издало посебни нови одредници кои треба да и помогнат на полицијата да ги препознае потенцијалите на интернетот за вакво однесување.

Со последните, темелни предлог-измени во законите, отворањето лажен профил на Фејсбук или Твитер или користењето на ГПС за следење на жртвите би се сметало за сериозно криминално однесување.

Предложените измени во следните два и пол месеца ќе поминат низ јавна дебата. Некои аналитичари веќе коментираа дека измените можат да бидат штетни за припадниците на ранливите групи, кои, доколку се принудени да ги користат своите вистински имиња, можат да бидат изложени на дополнителна злоупотреба. Според Фејсбук, само на најголемата социјална мрежа во моментов има околу 170 милиони лажни профили.