Лажни профили на социјалните медиуми ги таргетираат демонстрантите во Хонг Конг

Социјалната мрежа Твитер пронајде и избриша стотици профили за кои се верува дека ги користи Кина за да гo поткопа протестното движење во Хонг Конг и повиците за политички промени.

Од компанијата известија дека избришале 936 профили што потекнуваат од Кина, а кои се обидуваат да ја манипулираат перспективата за про-демократското движење во Хонг Конг. Од Фејсбук пак, велат дека откриле слична операција поддржана од кинеската влада на нивната социјална мрежа, со пет лажни профили, седум страни и три групи.

„Врз основа на нашите интензивни истраги, имаме сигурни докази дека станува збор за координирана операција. Генерално, овие профили намерно и конкретно се обидуваа да сеат политички раздор во Хонг Конг, вклучително и поткопување на легитимноста и политичките позиции на протестното движење.“, изјавија од Твитер во понеделникот.

Од Фејсбук дојдоа до истиот заклучок. „Иако луѓето што стојат зад оваа активност се обидоа да ги прикријат своите идентитети, нашата истрага пронајде врски до лица поврзани со кинеската влада“, се вели во блогот на компанијата.

Ова е првиот значаен потег против координираната дезинформација од Кина преку Твитер и Фејсбук. Иако социјалните мрежи се блокирани, многу луѓе се уште пристапуваат на различни начини.