Лауреатот на „Браќа Манаки“, Едвард Лакман: Сега се снимаат видеоигри, а не филмови

Фестивалската публика денеска имаше уникатна можност да проследи мастер-клас со водечкиот светски кинематографер Едвард Лакман, лауреатот на годинешното јубилејно издание на „Браќа Манаки“.

Европскиот дел од неговата кинематограферска кариера започнала со ангажманите во филмовите на Вим Вендерс, Фолкер Шлендорф, продолжила со Урлих Зајдл… Во своите почетоци, Лакман посочи дека најпрвин бил заинтригиран од филмовите на италијанскиот неореализам.

„Во нив видов како се градат карактерите во филмот. Денес тоа во Холивуд го немате, таму сега се снимаат видео-игри, а не филмови“, смета Лакман.

Лакман важи за голем заговорник за снимање на филмска лента. Европските филмови во тој период ги снимал вообичаенона 35 мм лента, но можеби малку неочекувано „Керол“ на Тод Хајнс, филм од 2015 година, го снимале на 16 мм лента, заради посакуваната атмосфера во филмот.

„Претпродукцијата е многу битна фаза во реализација на филмот бидејќи тогаш се дефинира стилот на филмот, посебно кога станува збор за филмови со историска тематика“, вели Лакман.

Интересни се и неговите размислувања околу црно-белиот и филмот во боја.

„Црно-белата филмска лента функционира со поинакво зрно и експозиција на фотографијата. Денес можете да снимите филм во колор а потоа во студиските лаборатории со дигиталната техноилогија да го направите црно-бел, но нема да го добиете истиот ефект“, вели Лакман, кој имаше и средба со студентите каде зборуваа за стручните аспекти на кинематограферската работа.

Рон Јохансон, кинематографер од Австралија допатува во Битола за да присуствува на состанокот на бордот на ИМАГО кој се одржува во рамките на Фестивалот, денеска извои време да разговара со новинарите.

„Прекрасно е да се биде овде во Битола. Фестивалот „Браќа Манаки“ многу го ценам, Австралија е дел од ИМАГО и затоа сум тука. Фестивалот „Браќа Манаки“ е многу популарен во Австралија, бидејќи тој станува како еден семеен настан. Во Австралија е многу ценето да се дојде овде и мислам дека во иднина ќе има уште повеќе учесници и гости на Фестивалот од Австралија“, рече Јохансон.

Годинава гостин во Битола е еден од најимпресивните кинематографери не само во Британија, туку и во светот, Џон Метисон. Два пати е номиниран за „Оскар“ за филмот „Фантомот во операта“ и „Ханибал“, а исто толку пати беше номиниран и за награда на ИФФК „Браќа Манаки“.

„Снимањето филмови е поврзано со визуелен јазик. Ако имате добра продукција и добри соработници нема за што да се грижите. Сакам поедноставни работи, со помалку филтри, помалку помпа. Мора да истакнеме дека режисерите со кои соработувам сакат да прават филмови, но тоа е многу тешко да се усогласи со дистрибуцијата, бидејќи компаниите сакаат суперхерои, жанровски филмови…, и кога ќе се поврзете со рекламите ќе влезат милиони долари сепак се усогласуваат нештата“, рече Метисон.

Тој откри дека како мал бил љубител на филмовите за Џејмс Бонд и се интересирал кој ги направил и како ги направил, како и филмовите на Вендерс, Спилберг и други.

„Мислам дека сега има голема промена, особено во  однос на пионерите на филмот. На пример, областа во која снимал Чарли Чаплин во Лондон повеќе не постои, што е голема штета бидејќи би било одлично да може да се прошета таму и да се направи музеј. Токму тој дел од Лондон каде има улички со калдрма, куќи прекриени со чад, една сивост во амбиентот со која Чаплин го прикажува автентичниот живот во тоа време во Лондон. Сега е тешко да се направи такво нешто“, смета Метисон.

За него киното е храм, а единствените поддржувачи на филмовите се фестивалите.

„Ова е фестивал за филм и јас сакам кога луѓето одат во храмот. Во Лондон сега има 4-5 кино-сали кои повторно се приватизирани и не се прикажува ништо квалитетно. Изборот зависи од сопственикот на киното. Има многу малку независни кина кои прикажуваат квалитетни содржини, но ретки се моментите каде се концентрира публика на која може да и се задржи вниманието. Мене ми се допаѓа идејата да се влезе во храмот, во киното, да се исклучат сите уреди и да се ужива во филмот. На луѓето мора да им дадете нешто, да ги натерате да размислуваат, бидејќи дома не го добивате истиот квалитет на звукот, перспективата, не се гледа сето она што е вложено додека се правел филмот“, истакна Метисон.

Синоќа во популарната битолска „Магаза“ се одржа презентација на кратки филмови од филмскиот фестивал „Мекал“ од Барселона, а претходно публиката таму можеше да ја види и селекцијата на кратки филмови од фестивалот во Познањ, Полска. Со овие два фестивала „Браќа Манаки“ од оваа година започна соработка и веќе имаше своја презентација во Полска.

Александар Трајковски ја промовираше својата книга „Музиката во македонскиот игран филм: од Фросина до Лазар“, која е прва пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм.

Вечерва, публиката во Битола премиерно ќе го види филмот „Медена земја“ кој се прикажува во рамки на фестивалската програма.