Ласерските иновации на тројца научници добија Нобелова награда за физика

Артур Ашкин, Жерард Моро и Дона Стрикланд се добитници на Нобеловата награда за физика за 2018 година за нивните откритија во полето на ласерската физика.

Американскиот физичар Ашкин доби една половина од наградата за неговото откритие на „оптички пинцети“, кои овозможуваат манипулирање со мали честички со помош на светлината.

Пинцетите на Ашкин можат да манипулираат со честички и молекули со нивните ласерски „прсти“. Со ова откритие можат да се истражуваат и манипулираат разни вируси, бактерии и други живи клетки, без да се оштетат, што создава нови можности за проучување и контролирање на живите организми.

Канадската физичарка Стрикланд и францускиот научник Моро, пак, ќе ја поделат втората половина од наградата за нивната работа во развивање на многу кратки и многу силни ласерски импулси. Овие зраци овозможуваат сечење и бушење на резлични материјали со огромна прецизност. Со помош на оваа технологија се направени корективни операции на очите на милиони луѓе.

Стрикланд стана третата жена во историјата која ја добила Нобеловата награда за физика и првата жена со оваа награда по 55 години. Во краткото интервју при соопштувањето на наградите од Нобеловиот комитет таа изјави: „Мислев дека бројот е поголем“.