Лансирана веб платформата „Родов Реактор”

По повод 8-ми март, Меѓународниот ден на жената, а со цел подигање на јавната свест за дискриминацијата со која жените се соочуваат во сите области на општественото живеење, “Реактор – Истражување во акција” ја лансираше веб платформата “Родов Реактор” (www.rodovreactor.mk).

Лансирана веб платформата „Родов Реактор”

Родов Реактор е ресурсна веб страна која што на едно место содржи истражувања и податоци за родовите јазови, и дава визуелен приказ на родово-поделените податоци од различни извори. Преку графикони, истражувања и инфографици, сајтот дава слика за статусот на жените и мажите во Република Македонија и ги истакнува системските нееднаквости кои сеуште постојат, најчесто на штета на жените.

Според организацијата, причината за креирањето на овој сајт е недостатокот на податоци за родовата еднаквост. Родово-поделени податоци сеуште недостигаат во многу области, а онаму каде што ги има се растргнати по различни извештаи, публикувани од различни институции и организации, и ретко достапни во употребливи формати. Овој сајт го гледаме како прв чекор во надминување на овој проблем.

– Се надеваме дека преку обезбедување на лесно достапни, интерактивни и визуелизирани податоци ќе помогнеме кон информирана дискусија за положбата на жената во македонското општество, но и дека ќе поттикнеме активности за промоција на родовата еднаквост. Со оглед на тоа што сајтот нуди разноврсни содржини во различни формати, сметаме дека не само што ќе им биде од корист на оние кои се занимаваат со оваа проблематика, туку и ќе ги заинтересира или во најмала рака ќе ги замисли и случајните посетители.

– Сметаме и дека сајтот може да биде многу корисен и во работата на новинарите, а особено за истражувачко новинарство. На Родов Реактор можете лесно и едноставно да добиете статистички податоци од бројни области, претставени во интересни графикони кои можат директно да се симнат од сајтот за натамошна употреба, соопштуваат од Реактор.

Родов Реактор е креиран и одржуван од страна на “Реактор – Истражување во акција” како дел од нивната програма за Родова еднаквост, и ќе биде редовно ажуриран со цел во секое време да ги дава најновите родово-поделени податоци.