Ланецот за супермаркети „Алди“ ќе продава винил плочи

Еден од најголемите светски ланци на супермаркети, германскиот „Алди“, ќе му се придружи на конкурентот „Теско“ и ќе почне да продава музички плочи во своите продавници во Австралија.

Сепак, компанијата внимателно навлегува во ова поле, а пробната продажба ќе биде ограничена на еден ден (денеска-11 ноември), со понуда главно на класични артисти како The Beatles, Elton John, Cat Stevens и Rolling Stones.

Супемаркетите на „Алди“ се познати по тоа што работат како дисконти и нудат постојани попусти, но цената на плочите (25 австралиски долари) и не е премногу достапна, ако се знае дека истите албуми можат да се најдат на пазарот на стари плочи, за многу пониска цена.

Индустријата за винил е во постојан пораст во последните години, но потегот на „Алди“ се толкува како одраз на се почестите обиди на компаниите да заработат „лесни пари“ од реиздавање стари албуми.