Laibach ќе одржи два концерта во Северна Кореја

35 години од создавањето на групата во словенечкото индустриско гратче Трбовље, Laibach, бендот со најголем меѓународен успех од поранешните социјалистички земји, најавува одржување на два концерта во главниот град на комунистичка Северна Кореја, Пјонгјанг.

Формирана во годината на смртта на Јосип Броз Тито и тргната на патот кон славата во времето кога Југославија се распаѓаше, Laibach е група која низ децениите постојано ги избегнуваше етикетите од каков било вид, без оглед на тоа дали тие се „рок“. „техно“ или „индустриал“.

Но, токму „социјалистичките“ корени на групата веројатно биле пресудни во дозволата од севернокорејските коминустички власти, бендот да настапи двапати во Пјонгјанг, во август годинава. Ниту една група од Европа, па ни од светот, досега не настапила во тврдокорно комунистичката земја, позната по масовните слетови, воените маршеви и химните за „Големиот лидер“ Ким Јонг Ун, но и по силниот отпор кон западната култура.

Турнејата на Laibach, наречена „Денот на ослободувањето“ се поклопува со 70-годишнината од ослободувањето на Корејскиот полуостров од јапонската окупација и од последователната поделба на Кореја на две непријателски настроени земји – јужната, под влијание на САД и капитализмот, и северната, под силен комунистички режим. Двата концерта на Laibach ќе бидат и тема на документарен филм, чија премиера е најавена за почетокот на 2016 година.

Laibach штотуку ја заврши распродадената турнека по Северна Америка, а бендот ќе ја прослави 35-годишнината со специјален настап во Трбовље на 4 јули, по што ќе настапи и во Музејот на современа уметност во Загреб на 11 јули. Во Музејот на современа уметност во Љубљана, пак, поставена е изложба и ретроспектива на творештвото на Laibach, која ќе биде отворена до 17 август.