„Ла мама“ го отвори 39. издание на МОТ

Вчера вечер, во кино салата Фросина во Младинскиот Културен Центар во Скопје беше отворено 39. издание на Младиот Отворен Театар. Според зборовите на директорот на МКЦ, Златко Стевковски, МОТ и оваа година се стреми да и пружи на македонската публика можност за одмор од „дребните политиканти и транзициските арамии“ кои го окупираат нашето секојдневие. Освен Стевковски, на присутните топло добредојде им посакаа и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски и заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ.

la mama 1

Официјалната програма на фестивалот ја отвори претставата „Ла мама кантата “ на Њујоршкиот театар „Ла мама“. Во режија на Елизабет Свадос, „Ла мама кантата“ претставува музичка биографија на Елен Стјуард – основач на истоимениот театар во 1961-вата година. Елен или Ла мама, како што ја нарекувале сите поради големата љубов и посветеност која им ја пружила, во текот на целиот свој живот се борела за надминување на расната дискриминација, за олеснување на политичките и социо-економските кризи од кои патат уметниците. Работела и на подигнување на јавната свест за еднаквоста помеѓу луѓето, за важноста на слободата на изразување, за благородниот ефект кој уметноста може да го предизвика доколку и дозволиме да не освои. Токму поради тоа рефренот на една од главните композиции во овој мјузикл гласи :

„ Променете ги вашите срца
Отворете ја својата уметност
Отворете ги своите умови
И споделете ги своите дарби со светот.“

la mama 3

Десетчлениот тим на театарот Ла мама ја однесе публиката на патување низ Луизијана во периодите кога афро-американците немале никакви права, до првиот ден на Елен во Њујорк кога ја добила и својата прва официјална работа како дизајнер. Го следиме и закупувањето на првиот простор наменет за вежбање и играње на претстави, проблемите со разно разни инспекции и градски службеници, патувањата низ целиот свет, како и угостувањето и сплотувањето на уметници од сите страни на планетата. „Ла мама кантата“ е одлично направен преплет од отпеани дијалози и „заразни“ world music композиции, проследени со колаж од многу фотографии, искрени сеќавања и важни животни лекции.

la mama

Уметниците, застанати позади своите микрофони или пак седнати на едноставните столчиња, ја преточија целата своја енергија во изведување на композициите, танцување и остварување на директен контакт со публиката. Секој од нив, со својот специфичен сензибилитет и талент, отелотворуваше различни ликови и ситуации од животот на Ла мама. Така, сите заедно ја запознаа публиката во салата Фросина, со големата фамилија уметници за кои Елен Стјуард претставува засолниште од проблемите.

Јована Ѓорѓиовска