КЗД: Вознемирување по основ на сексуална ориентација во три учебници

Комисијата за заштита од дискриминација денеска донесење мислење дека има вознемирување по основ на сексуална ориентација во учебниците „Медицинска психологија“, „Психијатрија – 1“ и „Психијатрија – 2“, информираат од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

КЗД: Вознемирување по основ на сексуална ориентација во три учебници

Комисијата за заштита од дискриминација исто така препорачува да се отстранат и исфрлат од употреба посочените делови од овие три книги, за кои и самите автори признаваат дека се направени грешки.

Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ за Радио МОФ вели дека тие ја поздравуваат одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација да препознае вознемирување по основ сексуална ориентација во спорните учебници.

– Сметаме дека Комисијата е наш важен партнер во мисијата да ги прочистиме учебниците од хомофобични и трансфобични содржини, вели таа и додава дека се во исчекување на резултати за поднесени претставки за уште неколку учебници.

Според претставката на оваа Коалиција, во спорните делови од учебниците се наведени содржини кои прават дискриминација, по основ на сексуална ориентација.

Во еден од учебниците на пример, на страна 183 е напишано: “Во Кривичниот закон на Македонија се уште егзистира и е казнив противправниот блуд меѓу машките лица. „Иако учебникот е издаден 2004 година, а хомосексуалноста е декриминализирана со Кривичниот закон од 1996 година, авторите случајно или намерно во својот учебник шират дезинформации дека хомосексуалноста во Македонија е казнлива“, се вели во претставката на Коалицијата.