Квалитетот на воздухот во Кина се подобрил за околу 10.8% за време на карантинот

Концентрацијата на опасните ПМ 2.5 честички во Кина опадна за 10.8 отсто од јануари до јули годинава поради тоа што индустријата забави како резултат на коронавирусот, иако нивото е сепак повисоко од препораките на Светската здравствена организација (СЗО), пренесува хрватски „Индекс“.

Просечната концентрација на ПМ 2.5 честичките во изминатите седум месеци беше 33 микрограми на метар кубен, покажуваат податоците од мерните станици во повеќе од 300 градови, соопшти министерството за екологија и заштита на животната средина.

Кинескиот национален стандард е 35 микрограми, а препораката на СЗО е да не се надминуваат десет микрограми.

ПМ 2.5 честичките се создаваат со согорување на фосилни горива и со други индустриски процеси, а се поврзани со голем број здравствени проблеми, вклучително и заболувања на белите дробови и карцином.

Од министерството соопштија дека подобрувањето на квалитетот на воздухот во февруари и март е „неспоредливо“ бидејќи владата воведе карантин за да се спречи ширењето на коронавирусот, што вклучува и намалување на индустриската активност и сообраќајот.

Но, активистите предупредуваат дека Кина може да „замижи“ кон индустриските загадувачи и да се потпре на интензивни енергетски процеси за да ги промени лошите економски трендови во втората половина од годината.