Квалитетот на европските води далеку од задоволувачки

Според последниот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за состојбата на водите во Европа, само 40 проценти од реките, езерата, проточните и крајбрежните води ги задоволуваат еколошките стандарди пропишани со Рамковната директива на ЕУ за водите.

Оваа директива, усвоена 2000 година, утврдува рамка за проценка, управување, заштита и унапредување на квалитетот на водените ресурси во Европската унија и има за цел заштита на јавното здравје, екосистемот и биолошката разновидност. Со темелите на оваа директива државите членки биле обврзани да обезбедат задоволувачка еколошка состојба на водите до 2015 година, меѓутоа повеќето држави сè уште се далеку од достигнување на оваа цел.

Естуарите се најзагадените водени подрачја во ЕУ (помалку од 29 проценти од водата е со „добар“ или „висок“ квалитет), додека речиси половина од езерата (49,5 проценти) се во добра еколошка состојба.

Додека процентот на површински водени површини чија еколошка состојба е оценета како добра или е високо оценета не се промениле значајно во последните години (вкупно 37 проценти), процентот на оние чија еколошка состојба не е задоволувачка порасна од 48,5 на 59 проценти, што делумно е последица на зголемувањето на бројот анализирани водени површини.

Естонија, Словачка и Романија предводат според бројот реки чија еколошка состојба е оценета како „добра“ или „висока“, додека Полска, Луксембург и Германија се пласирани најлошо.

Кога станува збор за езерата, најголем број од оние кои се оценети со „добра“ или „висока“ еколошка состојба, се наоѓаат во Австрија, зад која следат Шведска и Естонија, додека Холандија, повторно Полска и Романија се на чело на листата.

Главни загадувачи присутни во површинските води се живата, остатоците од пестициди, како и материите кои ги испуштаат фабриките за преработка на отпадни води и отпад. Меѓутоа, Европската агенција за животна средина се соочува со одредени поместувања кога станува збор за изолирање на загадувачките материи, што „укажува дека државите членки напредуваат во идентификувањето на изворите на загадување“.

Кога станува збор за подземните водени површини, квалитетот на водата во просек е значително повисок (74 проценти имаат задоволувачка хемиска состојба). Главен извор на загадувањето на подземните води се нитратите и пестицидите кои се користат во земјоделството, како и отпадните води кои не одат преку канализациите и напуштените индустриски комплекси.

Главни фактори кои негативно влијаат на еколошката состојба на реките и останатите површински водени површини се, според важноста: морфолошките промени на реките и езерата (40 проценти), загадувањето со материи кои се користат во земјоделството и киселите дождови (38 проценти), превозните средства како извори на загадување (18 проценти) и екстракциите (7 проценти).

Извештајот на Европската агенција за животна средина се темели на мерењата извршени во периодот од 2015-2018 година, на вкупно 111 000 површински водени површини (од кои 80 проценти се реки, 16 проценти езера, а 4 проценти проточни и крајбрежни води) и 14 000 подземни водени површини.

Извор: http://www.h-alter.org

Превод: Окно