„Квалитет и квантитет“ – Изложба на цртежи и графики во Галерија КО-РА

Во Дом на култура „Кочо Рацин“ – галерија КО-РА, денеска (23 јули) во 19 часот ќе биде отворена изложбата на цртежи и графики „Квалитет и квантитет“ од Зулејха Зубери Али.

Зубери Али е родена во Скопје 1988 година. Дипломирала на Факултетот за ликовни ументности во Скопје, а моментално работи како ликовен педагог во Основното училиште „Лирија“.

„Квалитетот претставува уникатност и совршенство. Обично и скоро секогаш е едно – еден цртеж, едно дело, еден производ… Тој ги губи своите особини, ја губи својата вредност од моментот кога почнува да се повторува, тука веќе доаѓа до израз квантитетот. Во современото општество доминира квантитетот во сите сфери, конкуренцијата е сè поголема од ден на ден, квалитетот постепено се губи и останува во минатото. Квалитетот е совршенство, уникатно, индивидуално, оригинално, специфично, единствено, различно кој произлегува единствено од една личност, од едни вешти раце. Токму затоа е претставен мотивот раце и е повторен неколку пати, со цел да се види различноста“, стои во најавата на изложбата.

Изложбата ќе биде отворена до 7 август, а посетителите треба да се придржуваат на новите протоколи за работа – задолжително носење заштитна маска и одржување дистанца од другите посетители.