Куп предизвици во образованието на идните наставници

Да се врати достоинството на наставничката професија, наставниците да бидат консултирани за реформите во образованието, а одличните средношколци да се мотивираат да станат наставници, се дел од пораките од денешната конференцијата „Образовни реформи:предизвици и перспективи во образованието на наставниците“, организирана од Фондацијата Отворено општество- Македонија.

Во време кога образованието на идните наставници се наоѓа пред низа предизвици, Фондацијата ги објави наодите од сеопфатно истражување за образованието на наставниците во основното образование. Критики има во сите сегменти, од начинот на носење на реформите, законите, па се до условите за настава.

Како што забележува професорот Кирил Барбареев, имаме систем без стандарди, кој функционира со импровизации.

„Кога ќе навлезете во повеќе од 300 предметни програми кои беа анализирани, во 62 студиски програми, на 18 факултети, препораките покажуваат дека се оспособуваат наставници кои се примарно насочени само кон постигнување, и донекаде кон примена на знаење, а многу малку или воопшто не придонесуваат кон повисоки мисловни информации кај студентите како синтеза, анализа, самостојно учество. Тоа е систем кој се уште се бави со самиот себе“, критичен е Барбареев.

Тој забележува дека нашите студиски програми не се ориентирани на студентите, туку се правени по желбата на професорите. Дополнително , посочува, системот дозволува импровизација во реализација на наставничката професија.

„Во нашата држава може да станете наставник ако на 25 август дипломирате факултет кој нема никаква врска со образование и настава,  и веќе на први септември градоналникот на општината да ве вработи како наставник, без никакви компетенции. Тоа е последица на системот на политиката, тоа не е проблем на академското образование“, укажува професорот.

Присутните укажаа и на можните проблеми кои ќе ги предизвика лиценцирањето на наставниците и Законот за Академија на наставници, кој иако е донесен, има одложена примена. Дел од дискусијата беше посветена и на способностите со кои се стекнуваат студентите кои учат за одделенски наставници, но и различниот пристап кон образованието на предметните наставници. Забелешки имаше и за терминологијата во законите, но и за звањата на наставниците кои се дел од претшколското образование, проблем кој настана со воведувањето на деветолетката.

Министерката за образование и наука, Рената Десковска, која имаше воведен говор на Конференцијата, истакна ниту една реформа во образованието нема да биде донесена без јавна дебата, а најави и нови можности за професионален и кариерен развој на наставниците. Во меѓувреме, вели, се преземаат чекори за мотивирање на најдобрите средношколци за запишување на Педагошките факутлтети.

„Владата донесе одлука за стипендирање на учениците коишто ја примале стипендијата за талентирани ученици доколку продолжат да студираат на еден од факултетите коишто се педгошки или образуваат наставници да можат да продолжат да земаат стипендија уште првата година без да се стават дополнителни услови. Исто така, во рамки на законите за основно и средно предвидуваме водење сметка за кариерниот развој на наставниците и нивната постојана континуирана едукација, рече Дескоска.

За професорката Елизабета Секирарска, дел од Управниот одбор на ФООМ, за подобро образование е потребно наставниците да бидат почитувани и прашани кога ќе се прават промени.

„Праксата и ефектите кои за жал допрва ќе ги гледаме покажуваат дека беа избрзани недоволно осмислени, нереализирани без сочекување на една реформа за да ги видиме ефектите па да почнеме со наредната, туку некако се натрупаа и се соочивме со прилично комплексен проблем. Така се случи образованието наместо да биде еден од најстабилните општествени потсистеми стана генератор на проблеми во сите други општествени сфери“, посочува Секирарска, посочуваќи го како пример воведувањето на екстерното тестирање.

Денешната конференција посветена на образованието, беше организирана во рамки на одбележувањето 25 години од функционирањето на Фондацијата Отворено општество – Македонија.