„Kung Fury“ – акциона комедија направена во стилот на 80-тите

„Kung Fury“ е акциона комедија напишана и режирана од David Sandberg. Филмот изобилува со роботи, диносауруси, нацисти, Викинзи, Нордиски богови, мутанти и супер кунг-фу полицаец нарекуван Kung Fury (Кунг Бес) и сето тоа спакувано во стил на акциона авантура од 80-тите.

Дејството во „Kung Fury“ се одвива на различни егзотични локации како Мајами во 1980 година и Германија во 1940 година. Но, поради ограничениот буџет, тимот кој е дел од снимањето на филмот бил принуден поголемиот дел од сцените да ги снима пред екрани со зелена позадина.

„Овој филм е направен воглавно преку Kickstarter  кампања, каде што луѓето од целиот свет ја дадоа својата поддршка за овој луд проект“, велат организаторите.

Sandberg работел на филмот повеќе од една година речиси без никаков буџет, но со силна визија, со помош на пријателите и семејството. Поголемиот дел од филмот е веќе сниман, но остануваат уште дополнителни снимања и многу визуелни ефекти кои треба да се направат. Филмот треба да трае околу 30 минути и ќе биде објавен бесплатно на интернет.

Воедно, беше објавена песната за филмот во изведба на David Hasselhoff со наслов „True Survivor“ која за кратко време стана интернет сензација.