Кумановски театар со „Жена од минатото“ гостува во Кино Култура

Претставата „Жена од минатото“ на Кумановскиот театар вечерва ќе се игра во Кино Култура.

Претставата е во режија и по сценарио на Нела Витошевиќ, а во неа играат: Александра Пешевска, Игор Ангелов, Јасмина Василева, Марко Трајковиќ и Нина Максимова. Музиката е на Огнен Анастасовски, а костимите на Розе Трајчевска.

„Жена од минатото“ е современ текст на германскиот автор Роланд Шимелфенинг, кој е еден од основоположниците на новата европска драма. Во оваа негова приказна, тој се занимава со тоа како последиците од неразрешеното минато, влијаат на иднината на едно семејство. Во моментот кога семејството се пакува да се исели од куќата во која живее дваесет години, на вратата се појавува мистериозна жена, која ги попречува нивните планови и дејството го носи во друг правец. Нејзиното присуство иницира да се отварат проблемите на членовите на семејството, кои биле потиснувани во изминативе дваесет години. Како парафраза на неразрешеното минато, мистериозната жена брутално го уништува семејството.

Претставата е психолошки трилер, кој преку знаковен јазик на филмска монтажа оди напред и се враќа назад во времето. Приказната е ставена во специфична временска рамка, во која низ низа на интроспекции и временски скокови се следи распадот на семејството од ракурс на едно девојче кое е сведок на сите настани.

Претставата започнува во 20 часот.