„Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби“ во Чифте амам

Во Старата скопска чаршија во Чифте амам на 22 мај (вторник) од 18 часот ќе се одржи трибина со наслов „Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби во Република Македонија“.

Организатор е Националната галерија на Македонија, од каде велат дека во земјава досега многу малку се обрнуваше внимание на култоролошките активности на лицата со посебни потреби, а уште помалку на фактот тие директно да се вклучени во создавањето на уметност.

„Како македонското општество пристапува кон инволвирање во културните збиднувања на оваа категорија граѓани?“, прашуваат од Галеријата.

Според организаторите на настанот, процесот мора системски да се решава со заедничка соработка на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование, невладиниот сектор, училиштата, родителите што ќе овозможи квалитетен живот од најрана возраст.

„Националната галерија на Македонија последниве години дава значителен придонес во подигнување на јавната свест за најранливите категории деца преку организирање на голем број ликовни работилници. Од досегашните искуства ваквите проекти го поткреваат духот и расположението кај сите што е мотив за нас како институција за што поголемо учество во следни проекти“, соопштува Галеријата.

Инаку, настанот на Галеријата е во рамки на проектот „Уметност за сите“ кој е подржан од Холандската амбасада во Републка Македонија.

На трибината ќе имаат свое обраќање: Мила Царовска, Министер за труд и социјална политика, потоа професорите Владимир Трајковски од Филозофски факултет и Синоличка Трпкова од Факултет за Драмски уметности, Денис Јанкуловски од невладина организација Аутизам МК и Доменика Кардула, родител.

Модератор на трибината е Огнен Јаневски.