Културните работници ќе штрајкуваат во вторник, на Министерството му истече рокот за одговор

Синдикатот на културата започнува со штрајк во вторник (24 декември) откако истече рокот на Министерството за култура за да одговори на нивните барања. Колективниот договор, кој културните работници го чекаат деценија и половина се уште е непотпишан.

Рокот истече вчера, па поради тоа Советот на СКРМ одлучи да ја активира последната правна алатка.

„Штрајкот ќе се одвива во просториите на установите и значи целосен прекин на работата на вработените носители на дејност, помошно-технички персонал и административен кадар. Штрајкот е со предупредувачки карактер и ќе трае еден ден, а по завршувањето на новогодишните празници ќе се радикализира и ќе трае до целосно исполнување на нашите барања“, информираат од Синдикатот. 

Оттаму ги повикуваат сите вработени да им се приклучат, а директорите на институциите да застанат во одбрана и поддршка на нивната борба за остварување на работничките права.

„Културата е темелна вредност на секоја држава и таа не смее да биде маргинализирана, игнорирана и понижена“, стои во најавата за штрајкот.

Во октомвро, стотици културни работници и претставници на културни институции од Скопје и други градови од државата, со протестен марш побараа потпишување нов колективен договор. Од Министерството за култура тогаш преку соопштение им дадоа поддршка на вработените во културата и нивните барања.

„Се очекува во наредниот период, Колективниот договор да биде ставен на јавна расправа по основните организации на синдикатите во установите од културата, и дека ќе биде применлив од 1.1. 2020 година“, соопштија во октомври од ресорното министерство.