Културни работници бараат специјални мерки за вонинституционалната културна сцена

Иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество” со поддршка на Синдикатот на културата на и Асоцијацијата ЈАДРО до Владата и Град Скопје поднесе Барање за воведување на специјални мерки за помош на домашната вонинституционална културна сцена како резултат на кризата со корона вирусот.

Здружените културни работници потенцираат дека кризата со корна вирусот сериозно ја загрозува егзистенцијата на вонинституционалната културна сцена, составена од физички и правни лица кои континуирано работат во полето на културата и уметноста како самовработени (во здруженија, сојузи, асоцијации, трговски друштва, трговци поединци и други правни лица регистрирани во земјава за вршење дејности од областа на културата) или како хонорарно ангажирани уметници и културни работници.

Оттука, бараат формирање на специјален фонд за доделување на субвенции како месечни надоместоци за припадниците на домашната вонинституционална културна сцена.

„Фондот да опфати средства за исплата на месечни надоместоци за период од 6 месеци, почнувајќи од март 2020 година, во износ од просечно бруто плата за вработените во правните лица и ТП самостојни уметници влезени во системот на бенефиции на Министерство за култура, и износ од просечно нето плата за невработените – хонорарно ангажирани уметници и културни работници, на кој ќе го покрие персоналниот данок на доход“, се вели во соопштението.

Како второ, бараат итна и неодложна исплата на средствата доделени за финансирање на проекти од 2019 година од Министерство за култура и единиците на локална самоуправа.

„Итно потпишување на договори за финансирање на проекти поддржани во 2020 година помеѓу Министерство за култура, Град Скопје, другите единици на локална самоуправа и корисниците, прилагодување на планот и роковите за нивна реализација согласно состојбите на терен, префрлање на 70% од доделените средства по потпишување на договор и признавање на досега направените трошоци за организирање на програмата, и покрај откажувањата или доцнењата во нивната имплементација (на пр. откажани авионски билети, трошоци за тековно работење и слично)“, стои меѓу другото во соопштението на иницијативата.

Од иницијативата информираат дека на 24 имало средба со владини претставници, по што Министерството изјавило дека ќе ги исплати, во моментов работи на тоа, сите неисплатени рати од реализираните проекти од 2019 година, за оние корисници кои доставиле наративен и финансиски извештај.

Во однос на Буџетот на Министерството, тој е скратен по барање на Владата, но, изјавиле дека нема кратење во делот за поддршката на доделени средства по проекти поддржани во 2020 година.

„Заклучно со 24 март, се пратени сите решенија од сите дејности до корисниците на средства по што ќе следи достава и потпишување на договори, но дека поради намалениот обем на вработени кои одат секојдневно на работа, процесот може да биде побавен, но дека ќе се реализира. По потпишување на договорите, оние кои веќе имаат направено трошоци по одобрени проекти можат да достават финансиски извештај и истите да им се исплатат веднаш. Они кои имаат потреба од користење на средствата за други трошоци наведени во пријавата, но различни од оние кои се наброени од комисијата, по потпишувањето на договорот да достават барање за пренамена, кое ќе биде направено како анекс договор. Они кои имаат потреба од временска реалокација на поддржаните проекти и нови начини на реализација на програмата во нив како резултат на кризата до корона вирусот, може да го направат тоа со допис до Министерството за култура, кој ќе биде даден на одобрување на Комисијата одговорна за дејност во која е поддржан проектот. Министерството нема утврдено процент на прва рата по потпишан договор и доставен оперативен и финансиски план. Барањето на прва рата и нејзиниот износ од вкупно доделените средства го остава на барање на корисникот согласно потребите на проектот“, соопштуваат меѓу друго од иницијативата.

Културните работници потенцираат дека, доколку нема соодветна реакција, вонинституционална културна сцена едноставно ќе замре.

„Непостоењето на вонинституционална сцена во културата ќе донесе појава на квази-националистички сегменти кои не можат во ниеден случај да бидат прогресивен дел од нашето општество“, велат тие.

Исто така, нагласуваат дека по завршување на кризата ќе биде потребен период за адаптација, наоѓање на мерки и пристапи да се ублажат ефектите од оваа криза. Но, и да се реформулираат нехуманите услови во кои работат и создаваме, и секогаш ги оставаат на работ на егзистенцијата.