Во Радио МОФ правиме уште една новогодишна тема – културна желботека за 2026 година. Тргнавме да собираме ставови и желби од разни луѓе што работат во секторот култура: Што сакаат да видат во 2026 година?
Повеќе свирки, изложби, претстави, филмови, книжевни читања…? Можеби поодговорни институции, поголем буџет за култура, нов закон, или промена на стара легислатива? Можеби ни недостасува солидарност, самоорганизираност, повеќе уметничка слобода, или нови културни пракси? Или можеби сè е ОК? Што прво им доаѓа на памет како желба?
Ова се нивните одговори:
Костадин Шурбановски – Шурбе, „Розе Кадилак“
Во новата година посакувам да бидеме помудри, поконструктивни и пофокусирани на приоритетите кога е културата во прашање.
Мојата главна желба би била државата конечно да ја препознае потребата од формирање на еден македонски Music Export Office, што многу ќе помогне во претставувањето на нашата музика и нашите музичари во странство. Имаме одлична музичка сцена – културно богатство со што можеме вистински да се пофалиме – конкурентна во многу сегменти со европската и светската, освен во делот на нејзината промоција надвор од границите на државата. Крајно е време да го направиме овој неопходен чекор и да им дадеме ветер во едрата на нашите музичари и нашата музика воопшто.
Во исто време, посакувам годинава МРТ конечно да ја „признае“ Стотројка (читај: да го легализира Канал 103). По 35-годишното емитување култура во етерот, афирмирање на македонската алтернативна музика, одржување, но и создавање на ново културно наследство и музичка едукација на повеќе генерации млади, а сето ова волонтерски, без никаков надомест, Стотројка одамна го заслужила тоа.
Калина Качоровска, „Култура Бета“
На културата во 2026 ѝ посакувам да постои и после полноќ или после еден часот навечер. Посакувам за култура да зборувам и со луѓе кои не се културни работници. Посакувам културата да не мора да биде алтернативна за да биде квалитетна. Посакувам да отидам на добар концерт во голема сала, на добра претстава на голема сцена и да гледам добар филм на големо платно. Посакувам да отидам на настан каде ќе има луѓе кои не ги познавам.
Посакувам да не зборуваме за култура како општ, апстрактен поим, туку да зборуваме за конкретен албум, конкретна книга, конкретна изложба. Посакувам културата да биде погневна и полута, но културните работници да бидат помили и и поотворени еден кон друг. Посакувам помалку „кул“ култура, повеќе култура која ми буди чувства.
Посакувам култура со помалку придавки.
Тони Димитров, директор на Културно информативниот центар (КИЦ) – Скопје
Веќе неколку години наназад ги повторувам истите забелешки и никако да се случат суштински промени, па не знам колку е веројатно тоа да се случи во новата година. Но, сепак, да се обидеме.
Најпрвин, посакувам помалку политикантство, а повеќе култура во самата култура. Мора да прекине праксата културните институции да се доживуваат како политички плен за задоволување на клиентелистички или коалициони потреби на власта.
За да има култура, неопходни се и функционални институции. Тоа подразбира јасна комуникација меѓу надлежните и раководствата околу реалните потреби, поголеми буџети, нов и квалитетен кадар, неопходни вработувања, како и капитални инвестиции за реновирање, опрема и набавки.
Не знам дали забележувате, но приматот во културниот живот, наместо културните институции, кои во голем дел се нефункционални, без кадар, без опрема или физички распаднати, го преземаат шопинг-моловите, кафулињата и слични „алтернативни“ простори. Изложби, поетски читања и концерти се одржуваат помеѓу излози и ескалатори, што делумно е разбирливо, ако се земе предвид бирократизираноста и нефункционалноста на институциите. Ова можеби изгледа како знак на адаптибилност на културата, но всушност е показател за сериозен институционален вакуум. Кога културните институции не можат да ја извршуваат својата основна функција поради бирократизираност, нефункционалност или затвореност, културата е принудена да бара засолниште таму каде што има слободен простор, па макар тоа бил и трговски центар.
Да се разбереме: образованието и културата се темелот на секое општество. Не можете да градите зграда од вториот спрат, исто како што не можете да градите општество без културнa наобразба, со елементарно неписмени политичари или институционален кадар што ги креира насоките по кои функционираме и живееме.
Во пресрет на реализацијата на титулата Европска престолнина на културата за Градот Скопје, шансите барем дел од овие желби да се остварат се нешто поголеми од изминатите години. Но, останува да видиме дали оваа шанса навистина ќе биде искористена или ќе се сведе на уште еден проект без суштински реформи. Ова е можност, но и тест да видиме дали културата конечно ќе се третира како јавен интерес и темел на општеството, или повторно ќе послужи како декор за политички маркетинг. Одговорот, како и секогаш, нема да биде во програмите, туку во тоа дали институциите навистина ќе почнат да функционираат.
Никола Гелевски, главен уредник на книгоиздателството „Темплум“, на порталот „Окно“, на фестивалот „Друга приказна“, на списанието „Маргина“, на читачкиот клуб „Одрадек“
Станува драматичен јазот меѓу институционалната култура и независната сцена. Фрапантен е степенот на занемарување на независната сцена, од страна на државата, централните и локалните власти. Дотолку е повџашувачки што независната сцена (музичка, книжевна, ликовна итн.) е највиталниот, и во квантитивна и во квалитативна смисла, дел од целокупната македонска културна продукција. Институциите се руинирани, речиси без програма, но трошат големи средства. За разлика од нив, луѓето од независната сцена создаваат илјадници настани и артефакти, речиси без никаква поддршка. Само центар „Јадро“ и кафе-книжарницата „Буква“ (која се затвори со крајот на 2025) во Скопје имаат повеќе настани (неколку стотици годишно) од сите македонски културни институции заедно!
Би сакал тоа да се промени, се разбира. Независната култура да добие макар достоинствен третман. Би сакал културните политики во земјава да ги водат луѓе со барем минимално знаење, посветеност, љубопитност, ширина… Тоа нема да се случи, но ме прашавте.
Вангел Ноневски, извршен продуцент на „Аксиома“
Во Скопје – верувам и во цела Македонија е така – фалат квалитетни места за изведувачки уметности. Такви простори постојат, но тоа не се места. Жак Дерида ја прави таа разлика. Мислам дека е фино да се упати на неа тука. Според него, „прашањето на архитектурата е, всушност, прашање за местото, за фаќањето место во просторот. Воспоставувањето на место кое не постоело сè дотогаш и кое е во согласност со она што таму еден ден ќе се случува – тоа е место.“
Да се фати место во просторот на Скопје и не е толку тешко да се замисли. Имаме еден куп напуштени, „бивши“ места, кои се сега само простори. Проблемот не е ниту во тоа да им се предочи на надлежните власти дека тие простори што побргу треба да станат нови места. Вистинскиот проблем е тоа тие да го сфатат. Тоа кај нас оди потешко. А бидејќи тие тоа не можат да го разберат, тоа недвосмислено значи дека немаат поим колку трансформативно значење уметностите можат да имаат во секојдневното подобрување на квалитетот на живот во нашата средина, не само меѓу младите. Тоа всушност, значи оној дел кога Дерида вели да се биде „во согласност со она што таму еден ден ќе се случува“.
Тука мошне убедливо се воочува клучната и назаобиколивата улога на архитектурата и уредувањето на јавниот простор при организирањето на севкупниот живот во една урбана средина. Зашто, добрата архитектура ги замислува своите граѓани (особено младите, особено оние кои бараат вонинституционални, вонмејнстрим содржини) не такви какви што се, туку какви што би можеле да бидат. „Она што таму еден ден ќе се случува“ претставува перспективно поимање на унапредувањето на урбаниот живот и токму поради тоа, тоа поимање е надвор од политичкиот хоризонт низ речиси севкупната историја на независна Македонија. А е едно од најбитните фактори за да се дојде до она излитеното „држава со ваква младина не треба да се грижи за својата иднина“.
Според тоа, мојата желба за 2026 година е, се чини, нереална и се состои во тоа многуте напуштени простори да се престорат во места. Нивното последователно пополнување со содржини не би било никаков проблем, зашто имаме суфицит на уметнички квалитет.
П.С. Исто така, би замолил, доколку е можно, Милчо Манчевски и сличните на него да не снимаат филмови, не само во 2026 година, туку и до крајот на нивните животи.
Филиш Букршлиев, гитарист, композитор и импровизатор, дел од повеќе состави како „Такси консилиум“, „Строг пост“, „Свирци вардарци“, „Аспајринг мун“„Фајтинг виндмилс“
Да се расформира Националниот џез оркестар. Колку аудиции, толку оркестар.
Давид Ангелевски, „Шарла Рекордс“
Независната културна сцена ја разбирам како медиум кој главно фунционира надвор од пазарните текови, инаку апсолутно доминантна општествена категорија. Токму затоа е слободна, храбра и возбудлива, бидејќи нужно не продуцира роба за масовно задоволство, не продава, што на некој начин претставува неразбирлив луксуз и лудило во контекст на доцниот капитализам. Нејзината функција ја гледам не само во веќе традиционалната улога на општествен критички фактор, туку уште повеќе како декодер на нови, паралелни форми на реалност, идеи исклучиво водени од личната имагинација и лудило, и надвор од шемите на репрезентација и алгоритмот на доминантните културни матрици.
Се работи за уметнички сензибилитет кој е вкоренет длабоко во личното, субјективно чувство и разбирање на животот и светот. Како таков не прави компромиси и не робува на главните текови, особено не како такви – некохерентни и конфузни во едно силно фрагментирано друштво на дисеминирана реалност. Во тие услови, кликовите и лајковите на социјалните мрежи и платформи стануваат клучен мериторен фактор на успех и потврда, што прави ефтиниот, дигитален популизам да ја одредува културната вредност. Во таа џунгла оди сѐ по ѓаволите.
Затоа, денес повеќе од било кога, ми се чини дека прогресивната уметност и култура се неопходни исто како почитуваниот Бетмен на граѓаните на Готам Сити, кои слично на нашите сограѓани биваат секојдневно малтретирани од медиумски поткрепениот културен чкарт. Рака на срце, тоа е и посакуваното сценарио на секоја власт.
Па ете, и оваа година на младите сили им посакувам доволно храброст, издржливост и солидарност, и сѐ разбира, со поддршка од поискусните да продолжат да делуваат и да создаваат во својот правец бидејќи слободата како силувана општествена категорија денес останува да живее само низ нивните дела. Таа е нивна одговорност.
Хана Корнети, писателка
Посакувам, тектонски бавно но вистински, да почнат се менуваат навиките и менталитетот кога станува збор за културата во Македонија. Да не е оставено само артистите да се поддржуваат едни со други, туку да се зголеми публиката на независната сцена. На класичните маалски шеми, да им се додаде читање домашна книжевност, слушање домашни бендови, одење на изложби на домашни уметници. Да се купуваат книги, уметнички дела, цедиња. Да се плаќаат влезници на концерти. Децата да се растат со љубов и интерес за творците кои живеат (или живееле) меѓу нив, наместо да се остават закопани во дигитални трендови и изгубени во индиферентноста на општеството за градење поквалитетен свет, како внатрешен така и надворешен.
Да се сфати дека уметноста не е шлагот на тортата, туку боите на секојдневието. И потоа, во склад со тоа да се живее.
Сали Ертунч, графички уметник и дизајнер
Децентрализација на културата од Скопје, повеќе соработки меѓу градови за културни размени/настани, храброст за приклучување/креирање на нови колективи/културни центри, критична мисла свртена на современиот живот/уметност и нови друштва што би рекле „филозофирај ми како распенето пиво“.
Помалце хороскоп и повеќе каталози од изложби или карти од концерти/претстави.
Среќна нова година креативци, од кај и да ја читате мојата желба.
Бојан Шашевски



