Култура во време на корона: Настап на „Д Планктонс“ и „Нокаут“ во паркот во Капиштец

За денеска се закажани две нови изведби од програмата „Култура во време на корона“ кои ќе се одржат во паркот во Капиштец. Во 19:00 часот, ќе одржи едночасовен концерт на сурф-рок бендот „Д Планктонс„, а во 20:30 часот, на истата локација, настап ќе имаат „Нокаут“.

Денеска онлајн ќе има свој настап и диџејот РОБОТЕК.

Нивните настапи ќе бидат стримувани на: ФБ на Град Скопје и на нивниот Youtube канал.

 

До денеска 100  уметници  со своите изведби беа дел од програмата „Култура во време на корона“ на Град Скопје. На над 20 локации во осум скопски општини се одржаа изложби, видеоарт презентации, перформанси, концерти на солисти и групи,  диџеи и состави на класична музика, како и театарски изведби.

Овие настапи на фејсбук страницата и на Youtube каналот на Град Скопје имаат над 400.000 прегледи.

За потсетување, Град Скопје, заедно со градските културни институции, на 13.04.2020 година, објави Јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“. Идејата на повикот е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници кои што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом.

Сите учесници добиваат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари. Повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација.