КулТренинг – бесплатни онлајн часови со тројца танцови уметници

Здружението Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата организира Култренинг-онлајн часови кои во април и мај се реализираат во соработка со домашните танцовите уметници и педагози Ивана Коцевска, Христина Ангеловска и Валентино Апостоловски. Часовите може да ги посетуваат сите заинтересирани бесплатно секој понеделник, среда и петок во 19:00 часот.

Ивана Коцевска, Христина Ангеловска и Валентино Апостоловски го споделуваат својот личен пристап кон телото, просторот и имагинацијата. Тројцата танцови уметници и педагози работат на свој специфичен начин за  достигнување на флуидност, координација и форма на телото на заинтересираните учесници.

„BodyFlow Dance“ со Ивана Коцевска

Балетскиот педагог м-р. Ивана Коцевска ќе го сподели нејзиниот пристап кон BodyFlow Dance кој е принцип на движење на телото и претставува склоп на танцови движења во комбинација со вежби за зајакнување, истегнување, баланс, координација, правилно дишење и вежби за будење на телото! Воведување во импровизациски вежби на тема интуиција, трансформација, адаптација на се што не опкружува.

Ивана Коцевска е балетска уметничка/танчерка, кореографка и магистерка по балетска педагогија. Во моментов работи како солистка во македонската опера и балет.

„Самосвест во самоизолација“ со Христина Ангелoвска

Часовите на Христина Ангеловска во фокусот го имаат просторот, времето и мислите. Свест за самите себе како личност и за луѓето околу нас. Свест за работите што се случуваат околу нас, за времето кое поминало, минува и ќе следи.

Христина Ангеловска има дипломирано балетска педагогија за современ танц. Нејзиното искуство со кореографија го стекнала на Факултетот за музичка уметност во Скопје.  

„Киносфера“ со Валентино Апостоловски

Часовите „Киносфера“ ги води танцовиот уметник Валентино Апостоловски, а тој ќе го сподели својот личен пристап на движење на телото и неговите динамики во однос на просторот:

Личниот простор, или Киносфера, е просторот околу нас кој е во дофатот на нашите екстремитети, без промена на местото, односно промена од точката во која стоиме. За почеток, на овие часови ќе се концентрира на просторот околу нас, релацијата на нашето тело во однос на персоналниот и генералниот простор, но подоцна ќе го осознаеме и концептот за различни динамики на просторот.

Валентино Апостоловски на своја 10-та година, почнува да танцува Латино-американски и Стандардни танци и станува државен првак во двете насоки 11 години по ред. Во 2011 година се запишува на Танцовата Академија за Современ Танц, при универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА, Скопје, каде прв пат се среќава со современиот танц.

Култренинг како редовна активност се организира во Кино Култура, но поради ситуацијата со корона вирусот и мерките за спречување на внесување и ширење, програмата во месеците април, мај и јуни се реализираат онлајн, во форма на интерактивни часови со користење на дигитални платформи, на кои бесплатно може да се приклучат сите заинтересирани граѓанини.

Реализацијата на програмата на Локомотива во Кино Култура е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и општина Центар.