„Култра“- Штипскиот фестивал кој ги охрабрува младите и независни уметници

„Култра“- Штипскиот фестивал кој ги охрабрува младите и независни уметнициСо цел да им се даде простор на младите и независни уметници, веќе трета година по ред во Штип се организира Фестивалот на театар и краток филм „Култра“ . Дваесетина кратки филмови, неколку театарски претстави и многу џез музика и годинава беа главниот белег на овој фестивал кој се одржа минатиот  месец на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Со Марија Манева, раководител на Центарот за односи со јавност на УГД , разговараа членовите на Медиа арт клубот „АКТИВ“ од Штип.

АКТИВ:  Како „Култра“ стана генератор на современиот културен амбиент меѓу студентите на УГД па и во пошироката јавност во регионот?

Фестивалот на театар и краток филм „Култра“ е само еден од културните настани со кои се обидуваме да ја збогатиме културната понуда на Штип. Штип полека, но сигурно прераснува во студентски град. Ако во моментов на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип студираат повеќе од 19.000 студенти, половина од нив својот студиски престој го минуваат во Штип. Зборуваме за млади луѓе кои доаѓаат од различни градови од републиката, а дел од нив се и странски студенти.

АКТИВ: Која е целта на Фестивалот на театар и краток филм „Култра“?

Овој фестивал им дава простор на сите независни уметници, филмски и театарски режисери, продуценти, актери да го претстават пред публиката она што го сработиле во последните 3 години, бидејќи еден од основните критериуми за учество на фестивалот е претставата, односно, филмот да се продуцирани во последните три години. Голем е бројот на уметници во Македонија кои храбро експериментираат со  нови уметнички изрази и форми, голем дел од овие креативни производи завршуваат во домашните архиви на луѓето кои учествувале во проектот или ако зборуваме за претставите, тогаш тоа се театарски претстави кои се одиграле неколку пати, но не затоа што не биле вредни за да бидат прикажувани, туку едноставно немале можност и простор да го прават тоа.  „Култра“ се обидува да ги лоцира и да ги охрабри токму овие уметници, затоа со отворен повик ги покануваме сите кои ќе се препознаат во фестивалскиот концепт.

Кои се амбициите на мултимедијалниот центар во креирањето и дополнувањето на културниот живот во регионот?

„Култра“- Штипскиот фестивал кој ги охрабрува младите и независни уметнициСледниот период ни е резервиран за филмски програми  – недела на француски филм во соработка со Францускиот културен центар и филмски вечери посветени на наградените филмови на Меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“. Со директорот на овој фестивал, режисерот Горан Тренчовски веќе е договорена премиера во Штип на неговиот нов филм „Игра и спас“.

Претставата „Под масата“ која е проект на Мултимедијалната академска камерна сцена – МАКС на УГД исто така ќе продолжи да се игра на сцената на Мултимедијалниот центар. Оваа комична француска приказна во изведба на студентите на УГД, членови на МАКС,  веќе ја освои публиката во Штип, а неодамна го имаа и првото меѓународно претставување во рамки на Меѓународниот театарски фестивал „Океан од љубов“. Членовите на МАКС се подготвуваат и за уште еден фестивалско учество на ДАФ во Кочани кон крајот на мај.

Понатаму, во нашата агенда е ставен и еден значаен проект, а тоа е креирање на уште еден простор за различни културни збиднувања кој го нарековме „Академски клуб“. Просторот во моментов е во фаза на реновирање и адаптација и очекуваме до средината на мај да започне да се користи како место каде ќе се одржуваат литературни читања, поетски вечери, промоции на книги, музички настапи на бендови, дебати, трибини ..