„КулТИП“ – работилница за иновативни технологии во културата

Британскиот совет во Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денеска организираа работилница за иновативни технологии во културата „КулТИП – култура, технологии, иновации и претприемништво“.

„КулТИП“ – работилница за иновативни технологии во културата

Таа е една од серијата настани кои е планирано на ФИНКИ да се организираат и во мај, јуни и ноември годинава. На денешниот, промотивен настан на „КулТИП“, учествуваа претставници на културни институции и оператори (музеи, архиви, галерии, театри, мултимедијални центри…), како и претприемачи, стартап-компании, асоцијации и студенти, пренесе МИА.

– Главната идеја е да ги споиме и зближиме студентите од техничкиот кампус, со претставници кои ја креираат политиката на културните институции, се со цел да направиме нешто со кое ќе ја смениме перцепцијата за културата во Македонија – како таа се доживува, кои се нејзините услуги, а технологијата да помогне она што се случува таму да биде поприфатливо за широката популација, пред се за младите, изјави Владимир Трајковиќ, професор од ФИНКИ. Тој имаше предавање на тема „ИКТ, уметност и создавање дигитално културно наследство: искуството на ФИНКИ“.

Настанот е дел од активностите на Британскиот совет во Македонија за развој на креативните индустрии – област на која многу и се посветува внимание во развиените земји, каде што тие придонесуваат и со висок процент во бруто домашниот производ.

Директорката на Британскиот совет Елеонора Запрова изјави дека во изминатите две години интензивно работат на развој на креативните индустрии и за таа цел соработуваат со Министерството за култура и со други институции, а соработката ја прошируваат и со факултетите.

– Целта на проектот на Британскиот совет е да ја мотивираме соработката помеѓу институциите во развојот на креативните индустрии и со овој настан активно се вклучува и Универзитетот Св. Кирил и Методиј“, односно ФИНКИ. Прво го доближуваме концептот на креативните индустрии до студентите и им овозможуваме да дознаат нешто повеќе како тие можат со иновации и технологија да му помогнат на културниот сектор во неговите заложби да привлече повеќе публика, дигитализација на културното богатство во Македонија и да се зајакне воопшто соработката помеѓу културниот и образовниот сектор, рече Запрова.

На промотивниот „КулТИП“ предаваа гости од Велика Британија (Абхеј Адхикари и Енди Игл) кои зборуваа за повеќе практики во нивната земја. На следните настани студентите и културните институции ќе работат на иновативни решенија кои ќе бидат применливи во културата.