КУКЛА, balans и Blackstate на 9 јуни на заедничкиот стрим на МКЦ и Кино Шишка

МКЦ од Скопје и словенското Кино Шишка од Љубљана на 9 јуни ќе одржат нов заеднички стрим, како продолжение на соработката за онлајн концерти во време на кризната состојба.

Од страна на Кино Шишка, со почеток од 21 часот настапуваат КУКЛА и balans. Потоа ќе го слушаме Blackstate – нов експериментален музички проект креиран од искусниот текстописец-музичар и визуелен уметник Филип Тасевски – Фиц.

Пеејќи главно за оружјето и љубовта, КУКЛА константно се бори со себеси и со надворешниот свет.

„Очиглена е сличноста со српските пејачки од ерата на Милошевиќ и гест кон божиците на R&B од американската ера на Буш. На сцена го спушта гардот, го збогатува нејзиниот карактеристичен звук со блескави визуелизации и го остава срцето на тацна“, стои во најавата за онлајн концертот.

Balans е совршено хаотичен фокус на љубљанското арт-дуо создадено од Кристин Чона и Андреј Первање.

„Нивниот експериментален аудиовизуелен настап со хипнотички ритам на гитарите, ретро матрица и провокативно пеење за баналноста на секојдневието, често е придружен од озвучен плач и остри свирежи“, велат организаторите.

Од 22:15 часот следува Филип Тасевски – Фиц со проектот Blackstate.

Blackstate е нов експериментален музички проект креиран од искусниот текстописец-музичар и визуелен уметник Филип Тасевски – Фиц, претставен како танцувачки грув со хардкор и панк корени.