Кукест крст на фудбалскиот терен во Сплит, Хрватска може да биде исфрлена од квалификациите

Огромен кукест крст се појави на тревникот на стадионот Пољуд во Сплит, за време на квалификацискиот натпревар за Европското првенство во фудбал меѓу Хрватска и Италија, јавуваат регионалните медиуми.

Работници се обиделе да го поправат тој дел од теренот на полувремето, но „свастиката“ во тревата била забележлива и во вториот дел од натпреварот во Сплит, кој поради казната од УЕФА за Хрватска (исто така поради нацистички скандирања од трибините на претходниот меч) се играше без публика.

„Иако натпреварот се играше без гледачи, полицијата очигледно стравуваше од некаква диверзија. За време на натпреварот, на тревникот беше забележан кукест крст со големина десет на десет метри. Не се знае кој можел да го нацрта, па се нагаѓа дека тоа се случило претходната ноќ или неколку дена претходно. Знакот не бил видлив преку ден, туку само кога ќе се вклучат рефлекторите“, јави дописникот на Ал Џазира.

Според извештаите од Сплит, најверојатно теренот бил полеан со течност која ја изгорела тревата. Се претпоставува дека ова е уште една диверзија на хрватските навивачи, кои се во војна со Фудбалскиот сојуз на Хрватска. Сојузот во соопштение се извини за инцидентот и објасни дека станува збор за саботажа.

Хрватските навивачи и претходно го истакнувале нацистичкиот симбол – на натпревар со Италија во Ливорно во 2006, тие со своите тела направија формација на „свастика“:

Кукест крст на фудбалскиот терен во Сплит, Хрватска може да биде исфрлена од квалификациите

По ова, Хрватска веројатно повторно ќе биде казнета од УЕФА, а извори во европската фудбалска федерација зпомнуваат дека е можно земјата дури да биде исклучена од квалификациите. Претходно, навивачите на мечот со Норвешка од трибините го извикуваа усташкиот повик „За дом спремни“, а направија проблеми и нереди на гостувањето во Италија, по што Хрватска доби казна од играње два меча без публика.

Натпреварот во Сплит заврши со резултат 1:1.