Кучињата можат да предвидуваат епилептичен напад кај луѓето, покажа студија

Кучињата можат да предвидуваат епилептичен напад кај луѓето, покажа студија на Универзитетот во Белфаст, пренесува Н1.

Тим научници, предводен од биологот Нил Пауел од Универзитетот во Белфаст, изложи деветнаесет кучиња без искуство со епилепсија на мириси карактеристични за трите фази на епилептичниот напад. Ова се мириси што се појавуваат во потта на пациентот пред самиот напад.

Постојат бројни анегдоти за кучиња кои покажуваат промени во однесувањето пред нападот, но ниту една научна студија досега не ги потврдила тие тврдења, велат истражувачите.

Сите деветнаесет кучиња, се од различна возраст, раса и пол, и истите покажаа промени во однесувањето кога ги почувствувале мирисите поврзани со напади.

„Некои дури трчаа нанапред и наназад кон останатите членови на семејството за да ги предупредат дека на лицето во близина му се заканува напад“, рече Пауел, додавајќи дека кучињата не поминале претходна обука и дека самата обука не е тешка и може да се спроведе за шест до осум недели.

Во зависност од расата, кучињата имаат од 10.000 до 100.000 пати помоќно чувство за мирис од луѓето.

Наодите на тимот на Пауел може да помогнат во развојот на „потенцијално спасувачки систем за рано предупредување“ за 65 милиони луѓе во светот кои живеат со епилепсија, од кои 30 проценти не успеале да ги контролираат нападите со лекови.